ПРЕСУДАТА ЗА ТАЛЕСКИ ДА ОДИ В ЗАТВОР Е ДОСТАВЕНА ДО БИТОЛСКИОТ СУД, ВЕЛАТ ОД СКОПСКИОТ КРИВИЧЕН СУД

    ПРЕСУДАТА ЗА ТАЛЕСКИ ДА ОДИ В ЗАТВОР Е ДОСТАВЕНА ДО БИТОЛСКИОТ СУД, ВЕЛАТ ОД СКОПСКИОТ КРИВИЧЕН СУДНа Талески по правосилната пресуда за седум години затворска казна ќе му останат да одлежи уште четири. (Фото: СДК.МК)

    Пресудата на Апелациониот суд за ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, и поранешниот секретар на Општината, Слободан Бончановски, за извршување на затворската казна која им е изречена за случајот „Транспортер“ е доставена за надлежно постапување на Основниот суд – Битола, соопшти Основниот кривичен суд во Скопје. Таа е испратена до битолскиот суд поради местото на живеење на осудените во Битола. Од Кривичниот суд изјавија дека пресудата, со која Талески е осуден на седум години затвор, а Бончановски на 5 години и шест месеци, веднаш по добивањето од Апелациониот суд Скопје била доставена до странките во постапката. Пресудата беше донесена на 27 декември минатата година.

    Од Основниот суд Битола пред два дена ни изјавија дека до нив уште не стигнала правосилната судска пресуда со казна затвор за Талески. Според процедурата, битолскиот суд преку судија одреден да постапува по предметите за извршување санкции ќе треба да им достави упатен акт за в затвор на Талески и Бончановски.

    На Талески по правосилната пресуда за седум години затворска казна ќе му останат да одлежи уште четири. Според пресудата, во казната му е засметано и времето поминато во куќен протвор од 21.06.2016 до 19.09.2016, како и она од 31.03.2020 до започнување на издржување на затворската казна. Тоа значи дека три години веќе минал во куќен притвор, а сега му остануваат уште четири откако е осуден за злоупотреба на службената положба и овластување за криминал направен со бесплатниот ученички превоз во Битола.

    Неговиот некогашен соработник од Општина Битола, секретарот Слободан Бончановски, за истото кривично дело сега е осуден на 5 години и шест месеци затвор, а му остануваат да одлежи уште две години и девет месеци. Во пресудата која скопска Апелација ја донесе по три години, и за Бончановски, како и за Талески е пресметан и одлежаниот притвор. Така, Бончановски досега одлежал притвор од четири дена, а куќен од 31 март 2020 до почетокот на затворската казна.

    Случајот „Транспортер“ беше покренат против Талески и неговите 22 соработници од Битола за злоупотреби со превозот на ученици и проневера на 360.000 евра. Дел се осудени условно на две години затворска казна доколку за пет години сторат ново кривично дело, а на некои им е конфисКуван и имот.

    Талески е осомничен и за случајот „Транспортер2“, повторно поврзан со злоупотреби на ученичкиот превоз по цени повисоки од реалните, но за него засега нема судски пресуди.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира