ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ ОД БИТОЛА ЃОРГИЕВСКИ НА СУДЕЊЕ СЕ ПОЈАВИ ВО МАИЦА СО ИМЕ И СЛИКА НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ ОД БИТОЛА ЃОРГИЕВСКИ НА СУДЕЊЕ СЕ ПОЈАВИ ВО МАИЦА СО ИМЕ И СЛИКА НА ВАНЧО МИХАЈЛОВЃоргиевски со адвокатот Насер Рауфи по денешното судење. (Фото: СДК.МК)

    Љупчо Ѓоргиевски, претседателот на бугарскиот клуб од Битола што беше именуван по соработникот на фашистите Иван (Ванчо) Михајлов, на денешното судење во битолскиот Основен суд се појави во маица со фотографија и име на Иван Михајлов. Ова беше прво рочиште од судењето против Ѓорегиевски, кој е обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нерпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Кривичната постапка против него ја поведе Основното јавно обвинителство од Битола.

    Рочиштето траеше околу два часа и на него беа сослушани двајца од сведоците на Обвинителството, и тоа Стефан Бошков, претседател Сојузот на борци од Битола и внук на народниот херој Стив Наумов, како и публицистот Зоран Ѓоргиев, кој неодамна ја објави книгата за историјата на битолските Евреи „Траги на еврејското наследство во Битола“.

    „Дури кога завршував со изјавата забележав дека обвинетиот кој седеше десно од мене носи маица на која пишува Иван Михајлов, ја имаше потпокриено со јакната, инаку да ја видев од прво немаше да дадам исказ дури не се создадат услови“, рече Стефан Бошков, претседател на битолскиот Сојуз на борци.

    „Ме прашуваа за улогата на Ванчо Михајлов, па кажав дека и самото негово име е провокација за нас. Тој е македонски крволок и тоа е опишано уште во Манифестот на АСНОМ 1944 година. Уште тогаш беше пишувано за него како крволок и за оние околу него како крволочни банди. Тие што го напишале тоа му биле современици и знаеле зошто пишуваат така. Поголем документ од тоа не постои. Му кажав дека како самостојна вооружена единица се пресметувале со македонското население и доказ на тоа е и убиството на Невена Георгиева-Дуња, на која на 16 години главата ѝ била отсечена главата. А за мене, како човек кој ги штити традициите на НОБ и е семејно засегнат, доволно беше тоа што ја ставија таблата на клубот. Реков дека почувствував бес“, рече Бошков.

    Другиот светок Зоран Ѓорѓиев зборуваше за историјата на еврејското маало во Битола. Запрашан дали денес има Евреи во Битола, одговори дека има само едно семејство кое е дојдено од странство, зашто 99 проценти од поранешното еврејско население од Битола било депортирано и убиено во логотот Треблинка во Втората светска војна.

    Требаше да се сослуша и пејачот Ламбе Алабаковски, кој ја опожари влезната врата од бугарскиот клуб во Битола, но судењето беше прекинато.

    Адвокатот на Ѓоргиевски, Насер Рауфи, рече дека денес обвинителството поднесуваше докази и беа сослушани нивните сведоци кои „изигрувале историчари“.

    „По два часа, судењето бешео прекинато бидејќи обвинителката имаше друг притворски предмет и продолжението е закажано за втори октомври“, рече Рауфи.

    Бугарското здружение во Битола уште во март годинава беше избришано од Централниот регистар, зашто не направи промени според измените од Законот за здруженија и фондации, со што згасна и неговата работа.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација покренато прекршочна постапка против бугарското здружение и неговиот претседател Љупчо Ѓоргиевски, за вознемирување на македонскиот народ со содржини поврзани со делото на соработникот на фашистите Ванчо Михајлов. Исто така и Основно јавно обвинителство поведе кривична постапка против Ѓоргиевски за предизвикување национална и расна омраза и нерпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира