ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА КИСЕЛА ВОДА Е АДВОКАТ НА „ЛАЈКА“ ЗА 50.000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО, ДИРЕКТОРОТ ДИМИТРОВСКИ ВЕЛИ „ПОСТАВУВАТЕ НЕСООДВЕТНИ ПРАШАЊА“

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА КИСЕЛА ВОДА Е АДВОКАТ НА „ЛАЈКА“ ЗА 50.000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО, ДИРЕКТОРОТ ДИМИТРОВСКИ ВЕЛИ „ПОСТАВУВАТЕ НЕСООДВЕТНИ ПРАШАЊА“Директорот на ЈП „Лајка“ Воислав Димитровски (десно) потврдува дека Живковски е еден од адвокатите на „Лајка“ и за ангажманот месечно добива 50.000 денари. (Фото: СДК.МК)

    Нов адвокат на ЈП „Лајка“ е претседателот на Советот на Општина Кисела Вода Иван Живковски од ВМРО-ДПМНЕ. Градското јавно  претпријатие склучило договор со адвокатската канцеларија на Живковски која ќе ги застапува на суд по тужби од граѓани за каснати кучиња.

    Директорот на ЈП „Лајка“ Воислав Димитровски потврдува дека Живковски е еден од адвокатите на „Лајка“ и за ангажманот месечно добива 50.000 денари. Сумата која ја зема, како што вели директорот Димитровски, е дупло помала од онаа што ја земале адвокатите ангажирани од претходното раководство.

    Димитровски смета дека нема ништо спорно ниту конфликт на интереси во тоа што адвокатот кој ги застапува и зема јавни пари е претседател на Советот на Општина Кисела Вода. Тој рече рече дека прашањата кои му ги поставуваме се несоодветни,  наместо да пишуваме за нивната работа со кучињата скитници.

    „Со ваквото прашање имате несоодветен однос. Наместо, како останатите медиуми и портали, да побарате разговор и одговори за тоа како ги решаваме проблемите со уличните кучиња, вие ме прашувате за вакви работи и сакате кон тоа да го свртите фокусот на нашата работа“, ни рече Димитровски.

    На нашето прашање како е избрана токму адвокатската канцеларија на Живковски, директорот кажа дека тоа е направено според стручноста и дека ниту досега, ниту сега изборот на адвокатски друштва не се правел преку тендер.

    На 24 јануари, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска најави дека веќе е започната постапката за ветинг на поставените директори на јавните претпријатија. Секој од директорите пополни анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и потпиша изјавата за непостоење на судир на интереси во нивната работа.

    „Ќе има нулта толеранција за корупцијата. Ова е системска мерка за елиминирање на можностите за корупција во рамки на градот и спречување на какви било судир на интереси. Денеска овој процес започна со директорите на јавните претпријатија, а ќе продолжи со раководителите на секторите“,изјави тогаш Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира