ПРИЛЕПСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК БАРА ПОМОШ ОД АРМИЈАТА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЕПИДЕМИЈАТА НА КОВИД-19

    ПРИЛЕПСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК БАРА ПОМОШ ОД АРМИЈАТА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЕПИДЕМИЈАТА НА КОВИД-19Градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски побара воведување на дополнителни мерки за неговата општина. (Фото: СДК.МК)

    После вчерашните осум, во општина Прилеп денеска се регистрирани 14 нови случаи на лица инфицирани со КОВИД-19, со што вкупната бројка се искачи на 72, а еден од пациентите вчера почина. Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на денешната прес-конференција рече дека ќе побара дополнителни мерки за справување со ширењето на болеста, меѓу кои и вклучување на Армијата. Утре Прилеп ќе го посетат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот и шеф на Централниот кризен штаб, Бујар Османи, и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со кои Јованоски ќе разговара за воведување на дополнителни мерки

    „Заради прогресијата на новозаразени, барам воведување на дополнителни мерки за општина Прилеп. Ќе побарам поголема вклученост на Армијата за спроведувањето на мерките и препораките од Владата и Министерството за здравство. Мора до го спречиме групирањето и гужвите пред банките и маркетите во градот. Компаниите каде има потврдени случаи на нивни вработени кои се заразени со коронавирус, во вакви услови не смеат ниту да помислат повторно да ги активираат своите производствени капацитети, сè додека не се создадат услови за работа, според проценките на стручните служби“, кажа градоначалникот Јованоски.

    Од вкупниот број на заразени граѓани со коронавирус во општината, две третини се работоспособни, а другите се повозрасни граѓани над 60 годишна возраст, а инфицирани се и 4 деца.

    Татјана Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Прилеп, рече дека од целиот регион кој го покрива Центарот за јавно здравје – Прилеп, а тоа се општините Прилеп, Долнени, Крушево и Кривогаштани, досега се тестирани вкупно 280 лица. Од нив, 75 се позитивни, а за 74 лица се чекаат резултати. Меѓу инфицираните се наоѓаат и шестмина здравствени работници.

    Министерот за здравство Венко Филипче на денешната информативна видео сесија рече дека будно ја следат ситуацијата во Прилеп.

    „Сметаме дека во овој момент дополнителни рестриктивни мерки во Прилеп не треба да се воведат. Ги имаме предвид веќе важечките мерки затворениот викенд, продолжениот полициски час. Оние рестриктивни мерки од Дебар беа во момент кога во државата немаше вонредна состојба и немаше полициски час. Во таа смисла сметаме дека сега за сега ни во Прилеп, ни во некој друг град не треба да се воведуваат“, рече Филипче.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари