ПРИВАТНИТЕ ЛЕКАРИ СО ПРОТЕСТ ЈА ПОДДРЖАА КОЛЕШКАТА ОД ВИНИЦА НА КОЈА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НЕ Ѝ ДАЛ КАПИТАЦИЈА

    ПРИВАТНИТЕ ЛЕКАРИ СО ПРОТЕСТ ЈА ПОДДРЖАА КОЛЕШКАТА ОД ВИНИЦА НА КОЈА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НЕ Ѝ ДАЛ КАПИТАЦИЈАПетковска не добила капитација оти нема медицинска сестра, иако ја барала преку оглас во четири наврати (Фото: СДК.МК)

    Под мотото „И јас сум Виолета“, приватните лекари од Велес протестираа пред Фондот за здравство за да ѝ дадат поддршка на колешката од Виница, д-р Виолета Петковска. Тие реагираат што Фондот не ѝ платил капитација за декември, иако сите останати ја добиле.

    „Бидејќи колешката веќе нема медицинска сестра, од Фондот не ѝ пуштаат пари. Докторката го исполни условот кој е пропишан во Правилникот и не два, колку што се бара, туку четири пати преку оглас бараше здравствен работник. За жал, во тој регион на источна Македонија медицински сестри нема“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

    Тие побараа под итно да ѝ се пушти капитација на Петковска за да може таа да функционира, а пациентите да бидат згрижени.

    „Крајно нехумано е доктор кој извршил стотици прегледи да остане без здравствено осигурување. Таа сега не може да плати концесија и комуналии за амбулантата и да ја врши редовната работа. Освен недостигот на доктори, уште поголем одлив има на медицински сестри“, додаде д-р Чолакова-Дервишова и најави дека протести денеска ќе има и во други градови.

    Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) вели дека е во контакт со матичната лекарка од Виница, која од декември наваму е без капитација.

    „Фондот е во контакт со лекарката и ова прашање е уредено во договорите на Фондот склучени со матичните лекари“, велат од ФЗОМ.

    Претседателката на Лекарската комора д-р Калина Гривчева-Старделова вели дека веќе реагирале и до Фондот и до Министерство, бидејќи во моментов е една докторка, но дека може истиот проблем да се јави и кај други, оти има одлив на кадар.

    „Веќе реагиравме до Фондот и до Министерството за здравство да најдат некакво решение. Докторката требаше да достави доказ дека распишала конкурс и дека никој не се јавил на огласот. Баравме да најдат системско решение“, вели д-р Гривчева-Старделова.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари