Приведен е директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми за несобирањето на ѓубрето во Скопје. По наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, полициски службеници привеле две лица и се преземаат дејствија за обезбедување докази.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП ‘Комунална хигиена‘ Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Овој член во Кривичниот законик е во главата Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.
Член 230 гласи:
(1) Тој што спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за жнвот на лугетоили животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(2) Со казна од став 1 ќе се казни тој што складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата, водотекот и со тоа ќе предизвика уништување или значително оштетување на шуми, растенија или други насади.
(З) Тој што складира, расфрла или остава опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, реактивност, запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, тератогеност, екотоксичност или својство на испуштање отровни гасови преку хемиска реакција и биолошко разложување, ќе се казни со затвор од четири до десет години.
(4) Тој што делото од ставовите 1, 2 и 3 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или затвор до една година.
(5) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
Основното јавно обвинителство Скопје на 21 октомври издаде наредби до Министерството за внатрешни работи и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“.
„Обвинителството веќе постапува и презема дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело. Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба и да се извршат проверки во ЈП ‘Комунална хигиена‘“, соопштија минатата недела од Обвинителството.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Градската општа болницата „8 Септември“ денеска изјави дека наскоро ќе има разврска за несобирањето на ѓубрето во главниот град.
„Мислам дека таму ќе има разврска, која што ќе биде многу интересна да ја следите“, рече Мицкоски, додавајќи дека и во наредните денови контејнерите ќе се празнат со камиони од другите градови.
- ЗА ЃУБРЕТО ВО СКОПЈЕ МВР ТРЕБА ДА ВЛЕЗЕ КАЈ ТРАЈКО СЛАВЕСКИ ОТИ НЕ ГО РАЗРЕШИ УПРАВНИОТ ОДБОР НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА‘ СО КАДРИ ОД ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ АРСОВСКА
- СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЌЕ БАРААТ КАМИОНИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТО
- РАСИПАНИ СЕ КАМИОНИТЕ НА СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, НЕМА НИ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, КАЖА СИНДИКАТОТ И НАЈАВИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РАКОВОДСТВОТО
А. АНТЕВСКА



