Приведена е 43-годишната сопруга на лекарот д-р Зекирија Шаини во кого вчера беше пукано во Куманово, соопшти МВР. Д-р Шаини, кој е вработен на скопската Клиника за пулмологија, е носител на советничката листа на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Општина Липково на претстојните Локални избори. Пренесен беше на лекување на Скопските клиники.
„На 07.10.2025 полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А. А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З. Ш. (43) од село Слупчане, Липковско. Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б. С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес. По целосно документирање на случајот, против А. А ќе следува соодветна пријава, додека против Љ. Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и сè уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава“, соопшти МВР.
Очевидци, кои работат во Општина Куманово, вчера рекоа дека одеднаш слушнале 5-6 истрели од огнено оружје, а кога погледнале надвор виделе неколку лица како бегаат и полицајци кои трчаат по нив. Настанала пискотница на улицата, а ранетиот човек лежел на улица.
ДУИ соопшти дека во знак на солидарност со повредениот, партијата одлучила да ги прекине сите вчерашни активности. ДУИ побара од институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот.
Од Коалицијата „Вреди“ најостро ја осудија секоја форма на насилство и апелираа за „смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот“.
С. НИКОЛИЌ