Проект предлага Општина Штип да формира правен субјект за стопанисување со електричната енергија произведена од фотоволтаици на јавните објекти во градот. Предмет на овој проект се 8 јавни објекти во Општина Штип кои располагаат со инсталирани фотоволтаици, а како потенцијални производители на струја на ваков начин се уште 20 такви објекти од јавен карактер. Тоа се претежно основни и средни училишта и градинки во Општина Штип.
Една од варијатните на проектот е дека постојните производители на струја ќе можат вишокот на струја да го продаваат преку договор за купопродажба со снабдувач кој тргува на слободниот пазар, а како втора варијанта вишокот да биде предаден на јавните објекти кои немаат фотоволтаици и количината што нема да биде искористена да се продава.
На оваа тема расправаше и Советот на Општина Штип по презентацијата од м-р Сара Анева, докторанд на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и д-р Драган Миновски, редовен професор на Електротехничкиот факултет во Штип, изработена во рамки на проектот „Модел за граѓански управувана иницијатива за соларна енергија во Општина Штип“. Советот го прифати проектот како квалитетен и сеопфатен и истовремено ја прифати иницијативата да се формира правен субјект кој ќе го следи и регулира производството и пласманот на електричната енергија од јавните објекти.
„Целта на проектот беше да се овозможи граѓанско учество во одлучувачките или надзорните структури за произведената електрична енергија од веќе инсталираните фотоволтаични системи на 8 општински објекти преку едно правно лице и здружено управување со произведената електрична енергија на локално ниво, а притоа предложениот модел да овозможи зголемени приходи и заштеди за Општината кои понатаму може да бидат искористени за други цели, како на пример за набавка на дополнителна електрична енергија, инвестирање во нови фотоволтаични системи, енергетска ефикасност и слично. Ова не само што ќе ја унапреди енергетската транзиција на општината и ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид, туку ќе даде свој придонес и во енертетската демократизација преку граѓанското учество“, вели Анева и додава:
„Во денешно време, сведоци сме на се поголемиот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, а особено во фотоволтаични системи кои за јавните објекти претставуваат начин да ги намалат трошоците за електрична енергија и да генерираат приходи од продажба на вишоците на електрична енергија. Поради тоа што најисплатливо е најголем дел од произведената електрична енергија од фотоволтаичните системи да биде искористена за сопствени потреби, а и поради неатрактивноста на батериските системи кај мали фотоволтаични системи, каков што е случајот со Општина Штип, потребно е да се разгледаат алтернативни решенија“.
Според Анева, преку здружено управување со произведената електрична енергија од фотоволтаичните системи ќе се овозможи вишоците на електрична енергија од фотоволтаичните системи на 8-те општински објекти во моментот на производство да бидат распределени помеѓу останатите 20 општински објекти во Општина Штип, што претставува виртуелно складиште на вишоците на електрична енергија.
„Во рамките на проектот, најрпвин беа изработени техничко-економските анализи за секој од фотоволтаичните системи инсталирани на јавните објекти во Општина Штип, при што беа анализирани потрошувачката и производството на електрична енергија. Анализите беа направени за два модела на купопродажба на електрична енергија – преку универзалниот снабдувач и преку друг снабдувач кој тргува на слободнит пазар. При што, вториот модел се покажа како поисплатливо решение поради пониските трошоци за набавка на дополнителна електрична енергија. Анализите за моделот на здружено управување покажаа дека овој модел ќе овозможи повисоки заштеди и приходи за Општина Штип и подобра искористеност на електричната енергија од фотоволтаичните системи (94%) и поради тоа се предлага формирање на правно лице со цел имплементација на овој модел како најефикасен“, вели Анева.
Според начинот на функционирање на правното лице, секој од јавните објекти со инсталирани системи најпрво ја користи производената електрична енергија за свои потреби. Во часови кога се јавуваат вишоци, овие количини се пренасочуваат кон останатите 20 јавни објекти без фотоволтаични системи и тоа по цена еднаква на берзанските цени. Ако и по оваа распределба останат неприсвоени вишоци, тие се продаваат на слободниот пазар. Набавката на дополнителна електрична енергија за сите 28 јавни објекти се врши централизирано преку енергетското претпријатие, при што оваа електрична енергија се препродава на јавните објекти по иста цена без профитна маржа. На овој начин се постигнува поефикасна распределба на производенета електрична енергија и се намалуваат трошоците за набавка на електрична енергија кај сите јавни објекти во Општината.
„Согласно анализите и пресметките што ги направивме, вкупните заштеди за сите јавни објекти во Општина Штип на сметките на електрична енергија ќе бидат околу 38.900 евра, вкупните приходи од продажба на вишоците на слободниот пазар како и од продажба на вишоците на јавните објекти без фотоволтаични системи ќе бидат 10.870 евра, додека трошоците за набавка на дополнителна електрична енергија ќе бидат намалени за околу 30%. Или, вкупните заштеди и приходи кои ќе ги генерира правното лице во овој случај се околу 49.770 евра“ вели Анева.
Според пресметката, со моделот за здружено управување се добиваат повисоки заштеди и приходи за околу 10.500 евра споредбено со првиот анализиран случај – индивидуално функционирање. Според направените анализи, во случај на зголемување на инсталирана моќност од фотоволтаичните системи, односно наградување на постоечките фотоволтаични системи и инсталирање на фотоволтаични системи на останатите општински јавни објекти кои сега немаат фолтоволтаици, при инсталирана моќност до 500 KW заштедите и приходите за Општина Штип ќе изнесуваат околу 133.000 евра, а при варијантата на инсталирана моќност до 1.000 KW, заштедите и приходите ќе се зголемат на околу 250.000 евра.
Анева и Миновски заклучуваат дека поисплатливо е правното лице да излезе на слободниот пазар преку договор за купопродажба на електрична енергија со друг снабдувач отколку да склучи договор со универзалниот снабдувач, поради тоа што на тој начин ќе има пониски трошоци за набавка на дополнителна електрична енергија за институциите, односно здруженото управување со вишоците на електрична енергија подразбира еден правен субјект да управува со произведената електрична енергија од фотоволтаичните системи наместо институциите самостојно да го прават тоа.
Во заклучокот се додава дека заштедите на општинските објекти без фотоволтаични системи за истата количина на електрична енергија ќе бидат околу 20% ако ја купуваат од правното лице по цени еднакви со берзанските, бидејќи ако ја набавуваат истата количина на електрична енергија на слободниот пазар преку снабдувач на електрична енергија се претпоставува дека ќе ја купуваат по цена 20% повисока од берзанската. Финансиските анализи се изработени согласно моменталните договори кои ги имаат склучено дел од општинските објекти за набавка на електрична енергија и моменталните пракси во државата за продажба на електрична енергија од фотоволтаични системи со мали капацитети.
Професорот Миновски рече дека при ваквиот начин на функционирање, односно кога едно правно лице би склучило договор за купопродажба на електрична енергија за сите објекти во надлежност на Општината, очекува подобри цени за набавка и продажба на електрична енергија, со што ќе се добијат и повисоки заштеди и приходи за Општина Штип.
По позитивното мислење за проектот и прифаќањето на иницијативата за формирање нов правен субјект од Советот на Општина Штип, општинската секретарка Вишна Шорова-Ангелова рее дека службите се веќе во постапка тоа и да реализира.
„Советот, по добивањето на предлозите за варијанти за работа со производената електрична енергија со фотоволтаичните системи на јавните објекти градот, ќе се одлучи и кој модел на правен субјект треба да профункционира, по што ќе се донесе конечна одлука кога и како да се формира тој правен субјект и кое ќе биде граѓанското тело кое ќе ја следи неговата работа“, вели Ангелова-Шорова.
Т. ЈОВАНОВСКИ