ПРОЕКТОТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА КЕЈОТ ВО ОХРИД НА РЕВИЗИЈА ВО ПАРИЗ, ПО ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА УНЕСКО ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ДИМЕНЗИИТЕ

    ПРОЕКТОТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА КЕЈОТ ВО ОХРИД НА РЕВИЗИЈА ВО ПАРИЗ, ПО ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА УНЕСКО ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ДИМЕНЗИИТЕПроектот за обнова на кејот вклучува и целосно партерно и хортикултурно уредување како и поставување нови канделабри и клупи за седење. (Фото: СДК.МК)

    Проектот за реконструкција на градскиот кеј во Охрид, што требаше да започне оваа пролет, повторно е на ревизија во централата на УНЕСКО во Париз. Се чека позитивно мислење за да се добие одобрение за градба на проектот, за кој претходно се направија сите потребни измени усогласени со препораките за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина.

    „Во консултации со Националната комисија за УНЕСКО, ни беше кажано дека не смееме да почнеме со реконструкција на кејот додека и за усоголасениот објект не добиеме позитивно мислење. И сега повторно го испративме во Париз и ќе чекаме одобрение за проектот кој што сметаме дека е усогласен. Парите ни се обезбедени“ , вели градоначалникот на Охрид Контантин Георгиески.

    Членовите на Реактивната мониторинг-мисија посочиле дека е потребна реконструкција но без проширување на кејот, по што Општината го ревидира проектот кој сега чека одобрување за старт на изградбата.

    „Првичниот проект предвидуваше покрај самиот постоечки кеј да се постават армирани бетонски столбови со дијаметар 80 сантиметри и над нив да се постави врзна греда, да не се руши односно над стариот да се постави нов за да нема опасност од одлагање на градежниот шут во езерото. Меѓутоа, УНЕСКО имаше забелешка на зголемување на димензијата на кејот за 80 сантиметри и ние го преправивме проектот, го ревидиравме и согласно новиот проект, ќе се отстранува еден метар од стариот кеј и во тој дел ќе се поставуваат новите армирано бетонски столбови и врзната греда. Во однос на самата изведба, на терен ќе треба да се предвидат подобри заштити на потегот каде ќе се врши рушењето, да се поставуваат водоотпорни оплати во езерото на 2 метра за да нема одлагање на шутот“, вели Георгиески.

    Вредноста на целиот проект изнесува 90 милиони денари (околу 1,5 милиони евра). Средствата се обезбедени, а според најавите, по добивањето зелено светло од УНЕСКО ќе започнат активностите за реконструкција на кејот „Македонија“ во должина од 992 метри на крајбрежниот дел во градската зона.

    „Имаме 38 милиони денари кои се обезбедено од ТАВ линијата и 45 милиони денари со одлука на Влада за реконструкција и целосна обнова на кејот во Охрид“, вели Георгиески.

    Проектот за обнова на кејот вклучува и целосно партерно и хортикултурно уредување како и поставување нови канделабри и клупи за седење. Од Општината велат дека со реконструкцијата „кејот ќе добие нов и урбан лик кој е потреба за Охрид како туристичка атракција“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира