ПРОФЕСОРКА НА ВИСОКАТА МЕДИЦИНСКА ШКОЛА ВО БИТОЛА ТВРДИ ДЕКА Е ОТПУШТЕНА ЗА ДА СЕ ВРАБОТИ РОДНИНА НА ДИПЛОМАТ ВО САД

    ПРОФЕСОРКА НА ВИСОКАТА МЕДИЦИНСКА ШКОЛА ВО БИТОЛА ТВРДИ ДЕКА Е ОТПУШТЕНА ЗА ДА СЕ ВРАБОТИ РОДНИНА НА ДИПЛОМАТ ВО САДПрофесорката по физикална медицина и рехабилитација Елизабета Попова Рамова, деновиве доби отказно решение од Високата медицинска школа во Битола. Таа се пожали дека на нејзиното работно место од школата сакале да вработат кадар со Факултет за физичка култура, близок роднина на македонски дипломат од САД, па неа ја обвиниле за плагијаторство (Фото: СДК.МК)

    По единаесет години работа како стручен кадар на Висока медицинска школа во Битола, професорката по физикална медицина и рехабилитација Елизабета Попова Рамова, деновиве доби отказно решение. Таа се пожали дека на нејзиното работно место од школата сакале да вработат кадар со Факултет за физичка култура, близок роднина на македонски дипломат од САД, па неа ја обвиниле за плагијаторство. Вели дека била испратена анонимна преставка до просветни инспектори, а потоа бил укинат нејзиниот избор за професор, па била суспендирана и на крај добила отказно решение.

    Професорката Елизабета Попова Рамова вели дека била испратена анонимна преставка до просветни инспектори, а потоа бил укинат нејзиниот избор за професор, па била суспендирана и на крај добила отказно решение (Фото: СДК.МК)

    „Директорката, сакајќи да ме отстрани од Наставничкиот совет за да добие двотретинско мнозинство за избор на свој човек, односно братучед на висок македонски дипломат во САД, да прими некомпетентна личност,имаше цел беше мене да ме отпушти од работа. Така бев обвинета за плагијат, за што поведов судска постапка против просветни инпектори, која уште е во тек и ќе има вештачење. Тоа ќе утврди дали еден научен труд од 5 страни може да биде плагијат на специјалистички труд од 60 страни кој е јавно објавен. Инаку, во февруари на огласната табла излезе името на другата професорка без никаков избор за да ѝ се доделат два предмети да ги предава“, вели Попова Рамова.

    Таа на денешната прес-конференција обвини дека вакви појави на Високата медицинска школа често се случувале.

    „Од 2011 година, уште во мандатот на претходната директорка, како академски граѓанин се стремев да се спротивствам на сите незаконитости кои мислев дека не се во согласност со Законот за високо образование, Унивезитетот и МОН. Тоа се следните: непотизам при вработување и притоа прескокнување на звања и избор во повисоко звање што се коси со правилата, избор и доделување на предмети на наставници кои не се од област во која треба да го предаваат предметот, нити докторирале, нити се едуцирале за тоа во базичното образование. Наместо да се преземат мерки за отстранување на овие недостатоци следуваа санкци“, рече професорката.

    За себе истакна дека досега издала 17 книги и повеќе практикуми. 40 студенти на насоката за физотерапевти овој семестар останаа без настава по нејзините предмети.

    Ја побаравме и директорката на Школата Домника Рајчановска, да ја слушнеме нејзината страна за ситуацијата, но вчера беше службено отсутна од работа. Сепак, раководството на Школата не ѝ доволи на професорката пресот да го одржи во својот кабинет.

    Во решението за престанок на работниот однос пишува дека Државниот просветен иснпекторат по пријава за плагијат и извршен инспекциски надзор наложил да се поништи изборот на Попова Рамова за професор, по што постапила Високата медицинска школа.

    Ректорот Сашо Коруновски изјави дека за овој случај се води судска постапка пред надлежни институции и се додека не добие одлуки и пресуди не може ништо да коментира.

    „Можам да дадам ветување дека секоја судска одлука ќе биде спроведена на нашиот универизтет“, рече ректорот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира