ПРОФЕСОРКА ОД СОРБОНА ВООДУШЕВЕНА ОД НАЧИНОТ НА КОЈ МАКЕДОНСКИТЕ РЕСТАВРАТОРИ ГО ЗАШТИТУВААТ ФРЕСКОЖИВОПИСОТ ВО ЦРКВАТА СВЕТА БОГОРОДИЦА ВО ЛЕШОК

    ПРОФЕСОРКА ОД СОРБОНА ВООДУШЕВЕНА ОД НАЧИНОТ НА КОЈ МАКЕДОНСКИТЕ РЕСТАВРАТОРИ ГО ЗАШТИТУВААТ ФРЕСКОЖИВОПИСОТ ВО ЦРКВАТА СВЕТА БОГОРОДИЦА ВО ЛЕШОКПри реставрација на дел од фреските во црквата откриени се три слоеви фрески, едниот што потекнува најверојатно од 14. век, вториот е од 17., а додека најгорниот слој е од 19. век. (Фото: СДК.МК)

    Откако екипата на Националниот конзерваторски центар, која неодамна работеше на заштита на фрескоживописот во црквата Света Богородица во Лешок, откри три слоеви живопис, ова откритие заинтересира многу странски конзерватори и реставратори. Деновиве црквата и конзерваторскиот тим од Македонија ги посети професорка од францускиот Универзитет Сорбона, која изрази желба да се запознае со начинот на работа на македонските конзерватори и реставратори.

    „Ова е чудесно, волшебно место и можноста што ја имам да го разоткријам и запознам со тимот стручни реставратори и конзерватори ми овозможува да ја разберам историската важност на оваа градба. Чудесноста ја пронаоѓам во целисходноста и комплексноста на градбата и податокот дека тука се мешаат живописи од 17 и 19 век за мене е нешто неверојатно, нешто ново, нешто прекрасно, зошто во Франција не постои таква традиција. Традицијата во Франција е да се задржи најновиот слој и да се униформира декорот, односно сликата“, не го крие своето воодушевување Клер Бетелу, професорка на факултетот Сорбона 1 Пантеон и директорка на програмата за студии за реставрација и реставратор и конзерватор.

    Но, освен што е воодушевена од тоа што го запозна овде во црквата Света Богородица во Лешок, професорката Бетелу вели дека оваа соработка помеѓу реставраторите и конзерваторите од Македонија и Франција може да продолжи и во иднина.

    „Со оваа посета сакаме да ги запознаеме македонските колеги, да ги размениме искуствата, да го запознаеме нивниот начин на реставрација и конзервација. Понатаму може и да се оформат тимови на размена на знаење бидејќи овој начин на реставрација не ни е многу познат во Европа. Токму затоа е многу интересна оваа структура, овој проект на размена и се разбира дека ќе има можности за соработка“, вели професорката Бетелу.

    Со реставрацијата на живописот во црквата Света Богородица во Лешок подолг период работи реставраторот и конзерваторот од Националниот конзерваторски центар Владо Муковски. Тој, заедно со неговиот стручен тим, неодамна при реставрација на дел од фреските во црквата открија три слоеви фрески, едниот што потекнува најверојатно од 14. век, вториот е од 17., а додека најгорниот слој е од 19. век, што е навистина редок случај не само во македонските цркви туку и во оние од поширокото опкружување.

    „Посетата на експертите од Франција е експертска мисија бидејќи сметавме дека првин е потребно тие да се запознаат со нашите споменици за понатаму да можеме да преземеме конкретни активности. Ние се надеваме на подолгогодишна соработка со овие експерти од факултетот од Сорбона при што се надеваме дека од ова може да произлезе еден посериозен проект кој заеднички би го работеле со нашите колеги од Франција. Еве нашата гостинка, професорката Бетелу, е многу заинтересирана и не може да поверува дека ние раслојуваме три слоеви од фрескоживописот, го заштитуваме и го зачувуваме тој живопис и дека тој слој што го отстрануваме не се уништува туку се зачувува“, вели Владо Мукоски од Националниот конзерваторски центар.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира