Книгата „Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ” на пилотот и публицист Ѓорги Чачкиров беше промовирана неделава во хотелот „Холидеј ин”.
Во ова свое најново дело од областа на воздухопловството, авторот открива дека првиот скок со падобран на просторите на тогашното кралство на СХС бил изведен во 1926 година на аеромитинг во Скопје. Скокот го извел Александар Трајковиќ, подоцна познат воздухопловец.
„Со него, со падобран скокнало и едно граѓанско лице, кое немало врска со воздухопловството. За жал, досега не успеав да ги откријам потомците на тој храбар човек”, вели Чачкиров.
Тој пишува и за првиот лет со хеликоптер во Македонија и вели дека пилот на првиот хеликоптер „аугуста бел 2006” бил Владимир Трајковиќ, син на Александар Трајковиќ.
Чачкиров вели дека Владимир израснал во пилот преку тогашните аероклубови, кои регрутирале нови пилоти.
На промоцијата на книгата присуствуваа голем број поклоници на авијацијата и членови на семејството Трајковиќ. Рецензент на книгата е претседателот на Македонија Стево Пендаровски.
Д. ЧУБРИЌ