ПРОРАБОТЕА МЕРНИТЕ ИНСТРУМЕНТИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС, ЕКОЛОГИСТИТЕ ВЕЛАТ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА НЕМАШЕ ЗАГАДУВАЊЕ АКО НЕМА ПОДАТОЦИ

    ПРОРАБОТЕА МЕРНИТЕ ИНСТРУМЕНТИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС, ЕКОЛОГИСТИТЕ ВЕЛАТ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА НЕМАШЕ ЗАГАДУВАЊЕ АКО НЕМА ПОДАТОЦИАпаратот е лоциран во дворот на градинката во населбата Тунел, веднаш покрај регионалниот пат Велес-Чашка-Извор-Богомила. (Фото: СДК.МК)

    Од 14 август попладнето повторно во функција е мерната станица на Министерството за животна средина, која го мери квалитетот на воздухот во Велес, а не работеше од 1 јули. Не работеше ниту седум дена во јуни. Така,немаше податоци за квалитетот на воздухот среде лето 45 дена во континуитет или 52 во текот на два и пол месеци.

    Екологистите велат дека ако не се објавуваат вредностите од апаратите за квалитетот на воздухот во Велес, не исчезнува загадувањето.

    „Во Велес често зборуваме за подобар и поздрав живот, но како да го постигнеме тоа ако ги отстрануваме токму механизмите што треба да ни покажат каков воздух дишеме? Мерните станици не се луксуз, туку основа за заштита на здравјето и животната средина. Кога тие не работат, не исчезнува загадувањето – исчезнуваат податоците за него. Со нефункционални станици ја губиме и базата врз која треба да се носат одлуки, да се утврдуваат изворите на загадување и да се бара одговорност. Ако навистина сакаме подобар живот во Велес, не ни треба помалку мерење и помалку податоци, туку повеќе транспарентност, функционални мерни станици и јавно достапни податоци. Не можеме да го решиме проблемот со воздухот ако прво престанеме да го гледаме“, кажа Стевче Дечев, еко-активист од фондацијата „Импакт“.

    Апаратот е лоциран во дворот на градинката во населбата Тунел, веднаш покрај регионалниот пат Велес-Чашка-Извор-Богомила.

    „Причината е поради дефект на уредот за прибирање на податоци од извршените мерења на инструментите (Data logger) кој не е во функција. Поради тоа, иако мерните инструменти се во работен режим, нема податоци од мерењата. По завршување на сервисирањето и тестирањето на уредот за прибирање на податоци, истиот ќе биде инсталиран во станицата и податоците од мерењата повторно ќе бидат достапни“, соопштија од Министерството за животна средина на почетокот од јули.

    Минатата година, секој петти ден велешани дишеле загаден воздух, со параметри на ПМ 10 над дозволените 50 мг/м3. Просечната загаденост на амбиенталниот воздух во градот била 41,3 мг/м3. Ова беа податоците објавени од Министерството за животна средина. Или лани 77 дена се регистрирани повисоки вредности од граничните. Со овој загаден воздух Велес е при врвот во Македонија. Лани имало 12 дена кога мерните инструменти во Велес не работеле.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира