Прославата на 33-годишнината од основањето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, на која присуствуваше и лидерот Христијан Мицкоски, се одржа во еден од најелитните ресторани во градот во хотелот Епинал со закуска, пијалак и музика. На прославата присуствуваа стотици луѓе, а музиката се слушаше низ цел Широк Сокак. Мицкоски денес не одговори конкретно на новинарското прашање колку чинеше прославата. Но, рече дека била скромна „во духот што прилега на една народна партија“.
„Не знам, ќе дојде сметката во седиштето на партијата, гледавме да биде тоа колку што може поскромно да се одбележи. Оние што беа присустни видеа дека одбележувањето на 33-годишниот јубилеј помина навистина пристојно. На скромен начин, во духот што нам ни прилега на една народна партија, со по некоја чаша вода, сок, се одбележаа 33 години од постењето на Општинскиот комитет“, рече Мицкоски.
Прашан дали имаше и музика, тој потврди. На фотографиите објавени од партијата на социјалните мрежи може да се види дека дел од гостите освен сок и вода, пиеја и вино. На прославата беше присутен и владиката Петар.
Ж. ЗДРАВКОВСКА