Град Скопје денеска почна со уредување на просторот од Градскиот трговски центар(ГТЦ) и портата до Плоштадот Македонија, со што го почна проектот за менување на ликот на централното градско подрачје. Наместо асфалт просторот ќе биде поплочен со плочки од три вида, на површина од околу 5.000 квадратни метри. Ќе бидат засадени 22 костени, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, а ќе биде поставена и соодветна урбана опрема со оптимален број клупи, корпи за отпадоци, осветлување и заштитни столпчиња.
„Ова е еден од најзапуштените простори во централното градско подрачје, а во наредниот период ќе се одвиваат градежни активности што ќе значат целосно осовременување и целосен нов лик. Тука е и местото каде што е родена Мајка Тереза која во 80-тите години го засадила дрвото во малото паркче, место што претходно беше продадено за да се изградат шпанските скали. Овде ќе ја покажеме различноста на оваа градска администрација од претходната, со нов и модерен јавен простор што граѓаните го заслужуваат“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Уредување на просторот ќе чини пола милион евра. Шилегов рече дека цената е двојно пониска од онаа за уредување на плочникот на Плоштадот Македонија.
„Вкупната инвестиција е 33 милиони денари со вклучен ДДВ, односно 104 евра за метар квадратен, а плочникот на Плоштадот, кој зимно време се лизга и смрди на канализација чини 195 евра по метар квадратен“, рече Шилегов.
Уредувањето на овој дел од градот според најавите на Шилегов треба да биде готово до 13 ноември.
А. АНТЕВСКА