Со протест пред велешкиот суд, лозарите од Тиквешко в среда ќе се обидат да извршат притисок винарската визба „Повардарие” од Неготино да не оди во стечај, потврди лидерот на здружението на лозарите Љупчо Аризанов и додаде дека протестот е пријавен и во полиција.
Винарската визба соработува со околу седум илјади лозари од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во Македонија.
По покрената постапка од доверител на винарницата, чие побарување таа го оспорува на суд, в среда треба да се одлучува дали винаријата ќе влезе во стечајна постапка. Извори од „Повардарие“ велат дека ваквата информација ги крена на нозе лозарите кои го продадоа грозјето во оваа винарница. Тие се плашат дека ќе ги изгубат парите што им ги должи винарската визба ако таа оди во стечај.
Ова особено поради фактот што, во услови кога немаше каде да го пласираат грозјето, тие во најголем дел го предадоа во „Повардарие“. Наместо предвидените десетина, винаријата откупи триесетина милиони килограми грозје.