ПРУГА И ВОЗ ДА ГИ ПОВРЗАТ БИТОЛА И ЛЕРИН, БАРААТ УМЕТНИЦИ ОД ДЕВЕТ МАКЕДОНСКИ И ГРЧКИ ГРАДОВИ

    ПРУГА И ВОЗ ДА ГИ ПОВРЗАТ БИТОЛА И ЛЕРИН, БАРААТ УМЕТНИЦИ ОД ДЕВЕТ МАКЕДОНСКИ И ГРЧКИ ГРАДОВИВо 2019 заврши изградбата на новата пруга од Битола за грчка граница, но се` уште не е пуштена во употреба. (Фото: СДК.МК)

    Крајно време е да затруби воз од Битола за Лерин, порачаа актерите од „Интимен театар“ на вчерашната претстава „Возот“, со која како единствени македонски претставници се вклучија во одбележувањето на 130-годишнината од почетокот на градбата на пругата Битола-Солун. За симболиката да биде поголема преставата ја изведоа во клубот „Јагода“, кој се наоаѓа на самата Железничка станица во Битола.

    Иницијативата за одбележување на овој редок јубилеј потекна од грчка страна, поточно од културната организација „Дрезина“ од Вериа (Бер), а учествуваа уште осум градови, Солун, Александрија, Негуш, Воден, Вртикоп, Суровичево, Лерин и Битола. Сите заедно во 20,30 часот по македонско време, односно 21,30 по грчко, на железничките пруги во градовите изведоа културни перформанси.

    Од претставата „Возот“ на „Интимен театар“ од Битола. (Фото: СДК.МК)

    „Идејата е да се сврти погледот врз проблемот и потребата да има пруга Битола-Солун. Пругата како една главна артерија за живот на овој регион, која ги поврзувала Битола со Солун, а понатаму и со светот, пругата која кон крајот на 19 и почеток на 20 век значела живот, голем дел од европското влијание доаѓало преку неа, културолошко, социјално, финансиско влијание. Да го свртиме погледот врз потребата од ова поврзување. Не да фаќаме воз од Лерин ако сакаме да патуваме за Солун туку од нашиот град, воз кој ќе ја премине границата“, рече Софија Ристевска- Петрушева, сопственичка на „Интимен театар“.

    Пругата Битола- Солун почнала да се гради во 1891 година, а се доградила во 1894. Функционирала до Балканските војни. Отогаш па наваму, воз од македонска територија не поминал на грчка. Во социјалистичкиот период до пред четириесетина години имало железничка врска меѓу Битола и Лерин, но македонскиот воз превезувал патници до граница, а таму се префрлувале во грчки и патувале до Лерин, каде повторно се преместувале во трет за за Солун.

    „Целиот трансфер на стоки, луѓе влијание во изминатиот период беше преку врската Скопје- Гевгелија- Солун . Ние треба да се залагаме, нашите локални власти, па и на државно ниво, оваа пруга да постои. И да ја премине границата, да не е само до нашата граница, а потоа од Лерин да се патува за Солун“, рече Ристевска-Петрушева.

    За симболиката да биде поголема преставата ја изведоа во клубот „Јагода“, кој се наоаѓа на самата Железничка станица во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Во 2016, преку проект финансиран од ЕУ започна градба на пругата од Битола за грчка граница. Но, тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Во меѓувреме дојде до промена на власта, а државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Проект чинеше 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра ИПА средства, а 11 милиони евра буџетот на државата. До 2019 година се изгради нова пруга од Битола за грчка граница, но се` уште не е пуштена во употреба. Надлежните во повеќе наврати одговораат дека за да свирне возот од Битола за Лерин треба да се договорат уште некои технички детали.
    Во рамки на синоќешната претстава, младите актери од Интимен театар порачаа дека возовите се нивната врска со Европа и светот.

    „Пругата има огромно значење како историски, така и за сегашноста, сметам дека треба конечно да се преземе нешто и да се пушти во функција бидејќи таа не спојува со соседната земја Грција“, рече актерот Валентин Дамчевски.

    Актерите раскажаа лични искуства за патувањата и возовите. Анастазија Христова раскажа дека еден од лустерите што ѝ ја красат куќата градена во 1921 година е донесен од австо-унграската амбасада токму со возот Битола- Солун.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира