ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЦИЈА ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ ДО НОЕМВРИ, КАЖА СУГАРЕСКИ

    ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЦИЈА ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ ДО НОЕМВРИ, КАЖА СУГАРЕСКИСо пругата кон грчка граница се очекува Пелагонискиот регион да се поврзи со Солунското пристаниште, да се зајакне економскиот капацитет на овој регион. (Фото: СДК.МК)

    Пругата од Битола за грчка граница ќе биде изградена до крајот на ноември годинава, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денес во Битола. Тој изрази надеж дека годинава ќе завршат комплетно градежните работи зашто во спротивно ќе изгубат 6 милиони евра, средства обезбедени од ИПА фондовите.

    „Станува збор за проект од 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра се ИПА средства, а 11 милиони евра се средства од буџетот на Македонија. Капитален проект за Пелагонискиот регион и за Македонија. Мора да се испочитуваат роковите за да не дојде да ги враќаме парите и да ги даваме од буџетот, сигурен сум дека изведувачите ќе бидат на висина на задачата. Во моментов работат на бетонски и земјени работи. Очекувањата се поставувањето на пругата да биде во втората половина од јули и да биде завршена до крајот на ноември“, речи Сугарески.

    Истата пруга почна да се гради пред две и пол години, за време на претходната власт, но тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Дел од работниците поведоа судски спорови против компанијата барајќи си ги платите. Во меѓувреме дојде до промена на власта, а државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“.

    „Овде сме уште на почеток, немавме многу среќа со времето на почетокот на годината, но цврсто се убедени дека ќе ја завршиме работата во предвидениот рок. До крајот на ноември може да очекувате тука да биде сѐ комплетирано. Околу 300 луѓе ќе бидат ангажирани во пикот кога во јули ќе се поставуваат праговите и шините“, рече Златан Ѓуричиќ, директор на „Штрабаг“ за нискоградба во Македонија.

    Со пругата кон грчка граница се очекува Пелагонискиот регион да се поврзи со Солунското пристаниште, да се зајакне економскиот капацитет на овој регион, а компаниите, вклучително и оние во индустриската зона Жабени да добијат поевтин и побрз транспорт на стока до Солун.

    „Пред два месеца имавме средба со министерот за транспорт на Република Грција и разговаравме за овој дел за железничкото поврзување меѓу Македонија и Грција. Од нивна страна направена е рехабилитација во тој дел и очекуваме дека со завршувањето на овој проект ќе направиме целосно поврзување“, рече Сугарески.

    Градоначалничката Наташа Петровска изјави дека ова ќе значи сериозен развој на општината и инстраструктурно поврзување со општините во соседна Грција.

    „Веќе со општина Воден имаме реализација на еден проект, изминатиот период бевме во контакти со општина Солун. Тие со патна инфраструктура се подготвени, она што и недостигаше на Македонија е она што сега го работиме. Дел од врските не само со Грција туку и со многу други држави беа заспоставени, но тоа сега се менува“, рече Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира