Стариот камен мост на реката Отиња или како што штипјани го знаат како Каменик мост по 80 години ја доживува својата прва реконструкција. Мостот датира од дваесеттите години од минатиот век кога првично имал дрвена, а подоцна добил камена конструкција.
Камениот мост го поврзува плоштадот во центарот на Штип каде во старо време се наоѓал штипскиот пазар,а денес ги поврзува главните банкарски, поштенски, трговски и телекомуникациски институции во градот со образовните од левата страна на реката Отиња каде се наоѓаат ОУ „Ванчо Прќе“, Средното текстилно училиште „ Димитар Мирасчиев“, Народната библиотека и разни објекти со предавални на Медицинскиот и некои други факултети на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Од Општина Штип најавија дека реконструкцијата ќе содржи подобрување на статиката на мостот, негово сообраќајно проширување,па мостот од повеќегодишното еднонасочно движење ќе се адаптира за сообраќај во двете насоки со што ќе се скратат заобиколувањата да се премине реката преку другите мостови. Камениот мост ќе биде со ограничена носивост, но за сообраќај на најтешките моторни возила ќе се користи како и досега соседниот мост, таканаречениот „Влашки мост“ со носивост до 30 тони, изграден во 2007 година со донација на бизнисменот Мите Николов.
„За Каменик мост мора сите активности околу реконструкцијата да завршат што побрзо затоа што новата учебна година само што не започнала, а овој мост најмногу го користат учениците и вработените во спомнатите институции. Дојдовме и до друго решение. Со оглед на тоа што мостот го прилагодуваме за двонасочен сообраќај и тротоарите малку ќе се стеснат, планираме за пешаците под итно да изградиме нов пешачки мост веднаш до камениот мост.
Вкупната инвестиции ќе изнесува над 1,5 милиони денари“, вели градоначалникот на Штип Иван Јорданов.
Тој додава дека иако подлогата на реконструираниот мост ќе биде друга за разлика од досегашните камени коцки, сепак каменик мост ќе го задржи стариот белег и назив затоа што камените коцки нема да се извадат, туку заради негова подобра стабилност ќе останат вградени во неговата конструкција.
Т. ЈОВАНОВСКИ