Клонот на градинката „Димче Мирчев“, „Објект 6“, кај Градскиот пазар во Велес доби сензорна соба за децата со попречености. Таа е опремена со разновидни сензорни, светлечки и тактилни реквизити и помагала. Новата сензорна соба е од особено значење за дефектолошка и логопедска пракса и специјални третмани за децата на кои им е потребна дополнителна поддршка.
„Новата сензорна соба е надоградување и реновирање на претходната соба за сензорна интеграција. Всушност, сега претставува склоп од сензорна интеграција и снузелна соба и има терапевтска намена и смирувачки ефекти“, кажа Ефтимија Карбева-Лукарова, дефектолог во градинката.
Средствата за опремување се обезбедени од блок-дотации на градинката во вредност од 650.413 денари (околу 10.500 евра).
Според раководството на Општинска јавна установа детска градинка (ОЈУДГ) „Димче Мирчев“, ова е првата градинка во Македонија која располага со ВојсТојс (VoiceToys), оригинална и иновативна платформа за сензомоторичка стимулација и развој на гласот, говорот и слухот.
„Сетот ВојсТојс претставува иновативен и современ уред во дефектолошкиот и логопедскиот третман. Се користи за сензомоторна стимулација и развој на глас, говор, слух, внимание, концентрација и когнитивни способности“, вели Карбева-Лукарова.
Ова е трет клон од градинките во Велес кој добива сензорна соба, во 2024 во градинката „Детелинки 3“ беше донација од Амбасадата на Кина,, а во 2016 централната соба беше опремена од Мировниот корпус на САД и Швајцарската амбасада.
П. ПЕЧКОВ



