ПТИЦА КОЈА ПРЕЛЕТАЛА НАД ТРАФОСТАНИЦА НА МЕПСО ЈА ПРЕКИНАЛА СТРУЈАТА ВО ДВАТА БЛOКА НА РЕК „БИТОЛА“

    ПТИЦА КОЈА ПРЕЛЕТАЛА НАД ТРАФОСТАНИЦА НА МЕПСО ЈА ПРЕКИНАЛА СТРУЈАТА ВО ДВАТА БЛOКА НА РЕК „БИТОЛА“Случаи птица да предизвика испад во напојувањето се исклучително ретки, но не и невозможни, велат од МЕПСО. (Фото: СДК.МК)

    Птица која прелетала над трафостаницата на МЕПСО во близина на РЕК „Битола“ предизвикала прекин во напојувањето со струја од половина час, а со тоа и испад на Блоковите 1 и 3 во најголемиот произведувач на електрична енергија во земјава. Од АД МЕПСО соопштија дека случаи од ваков тип, птица да предизвика испад во напојувањето, се исклучително ретки, но не и невозможни.

    „Денеска во раните утрински часови дојде до испад во ТС Битола 2 инициран од птица која прелетала во делот на 110 kV собирница, при што дошло до прескок со еден од порталите на истата собирница. Испадот предизвика прекин во напојувањето со електрична енергија во траење од половина час, но со навремена реакција на вработените се` беше вратено во првобитната состојба, а снабдувањето со електрична енергија е нормализирано и се одвива непречено. Штетите врз опремата од денешниот испад се незначителни, поради фактот што АД МЕПСО – Скопје располага со кадар кој е еден од најдобрите во регионот и ваквите брзи и навремени интервенции се дел од нашата секојдневна работа“, соопштија од МЕПСО.

    Од РЕК „Битола“ утрово соопштија дека проблем во трафостаницата на МЕПСО што се наоѓа во непосредна близина рано утрово предизвика испад на Блок 1 и Блок 3 од електроенергетскиот систем.

    Од таму додаваат дека веднаш по инцидентот се преземени се сите мерки и активности за санација на оштетените делови во РЕК „Битола“, по што започнаа операции за враќање во функцијата на двата блока. Блок 3 на РЕК „Битола“ е вратен во функција во 10:24 часот и испорачува електрична енергија во електроенергетскиот систем. Стручни екипи од комбинатот ги прават неопходните подготовки за почеток на операциите за враќање на мрежа и на Блок 1. Се очекува вечерва и оваа постројка да биде ставена во функција.

    Поради сличен проблем во електропреносниот систем, во ноември 2021, беше тешко оштетен трансформаторот на Блок 3 на РЕК „Битола“ и постројката беше надвор од функција повеќе од една година. Овојпат, како што нагласуваат од Комбинатот, нема сериозни штети врз опремата. Потребите на потрошувачите за електрична енергија во моментов се задоволуваат од домашните капацитети на АД ЕСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира