Цевка пукна утрово во зградата на поранешна „Нова Македонија“ каде се сместени повеќе министерства и државни институции. Во зградата во моментов нема ни струја, која е исклучена од безбедносни причини бидејќи првиот кат на зградата е поплавен.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата Ивица Томовски ни изјави дека зградата не е под нивна надлженост односно тие се грижат само за хигиената и лифтовите во објектот.
„Според првичните неофицијални информации пукната е топловодна цевка. Испративме и наша екипа на терен за да се реши што е можно побрзо дефектот“, вели Томовски.
Во зградата на „Нова Македонија“ се сместени 8 институции, меѓу кои и Министерството за образование, Министерството за локална самоуправа, Министерството за јавна администрација, Државниот просветен инспекторат, Комисија за заштита од конкуренција, Управа за водење матични книги.
Владата препорача работа од дома за вработените во институциите во зградата на „Нова Македонија“ поради техничката хаварија.
„Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за состојбата настаната како последица на техничката хаварија во зградата на ‘Нова Македонија’, во која се сместени осум државни институции, како и за досега преземените и планираните активности за санација и целосно нормализирање на условите за работа. Имајќи ги предвид последиците, особено продирањето на вода во дел од електричните инсталации, како и потребата од спроведување на сите неопходни технички и безбедносни проверки пред повторно ставање на објектот во редовна функција, Владата донесе заклучок со кој се препорачува на институциите сместени во објектот да го реорганизираат своето тековно работење односно вработените привремено да ги извршуваат своите работни обврски преку работа од дома, без физичко присуство во зградата. Оваа мерка се презема исклучиво од превентивни и безбедносни причини, при што приоритет останува заштитата на здравјето и безбедноста на вработените, паралелно со непречено продолжување на работните процеси и функционирањето на институциите. Надлежните служби интензивно работат на санација на последиците и на создавање услови за безбедно и целосно враќање на вработените во објектот“, соопшти Владата.
А. АНТЕВСКА



