ПУКНАТА АЗБЕСТНА ЦЕВКА НАПРАВИ КРАТЕР НА БУЛЕВАРОТ ВО БИТОЛА, ДЕЛ ОД ГРАДОТ БЕЗ ВОДА

    ПУКНАТА АЗБЕСТНА ЦЕВКА НАПРАВИ КРАТЕР НА БУЛЕВАРОТ ВО БИТОЛА, ДЕЛ ОД ГРАДОТ БЕЗ ВОДАГрадоначалникот на Битола Тони Коњановски соопшти дека станува збор за хаварија, а багери до доцна во ноќта го крешеа асфалтот за да се санира дефектот. (Фото: СДК.МК)

    Пукање на азбестна цевка Ф 315 предизвика кратер во асфалтот и големо оштетување на делницата од Булеварот Први мај, над Црн Мост во Битола, поради што тој дел од градот е оставен без вода, а сообраќајот пренасочен на околните улици.
    Градоначалникот на Битола Тони Коњановски соопшти дека станува збор за хаварија, а багери до доцна во ноќта го крешеа асфалтот за да се санира дефектот.

    „После појавата на дефектот на цевка на Булеварот, веднаш излегов на терен во координација со екипите на ЈКП Водовод и сообраќајната полиција. Согледувајќи ги проблемите кои постојат на оваа улица, минатата година изготвивме комплетна документација за реконструкција и промена на водоводната цевка, така што уште оваа градежна сезона ќе започне реализацијата на овој проект. Во меѓувреме, побарав од екипите на ЈКП Водовод со својата стручност и професионалност, максимално да се ангажираат за санирање на состојбата и воспоставување на нормално водоснабдување, што е можно поскоро“, соопшти Коњановски.

    Од Водовод кажаа дека поради дефект на водоводната мрежа со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од потегот на улиците Васко Каранѓелевски до Стив Наумов и делови од населбата Баир. Прекинот ќе трае до завршување на санацијата. Увид на терен направи и директорот на Водовод во заминување Пеце Милевски, кој доби пратенички мандат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира