„ПУЦКО ПЕТРОЛ“ ЌЕ ГИ ГРАДИ ВИСОКОКАТНИЦИТЕ ВО „АЛУМИНА“, ВО 2020 ГОДИНА ГО КУПИ ЗЕМЈИШТЕТО ОД ИЗРАЕЛСКАТА ФИРМА „ГАЗИТ ГЛОУБ“

    „ПУЦКО ПЕТРОЛ“ ЌЕ ГИ ГРАДИ ВИСОКОКАТНИЦИТЕ ВО „АЛУМИНА“, ВО 2020 ГОДИНА ГО КУПИ ЗЕМЈИШТЕТО ОД ИЗРАЕЛСКАТА ФИРМА „ГАЗИТ ГЛОУБ“Покрај решението кое го објави Општина Карпош, има уште две решенија направени по барање на сопственикот на земјиштето, кои предвидуваат повеќе и повисоки згради. (Фото: Принтскрин видео Општина Карпош)

    Фирмата „Пуцко Петрол“ е сопственик на земјиштето во поранешната фабрика „Алумина“. Според новиот Детален урбанистички план за оваа парцела, се предвидува да се градат згради кои можат да бидат високи и до 35 метри.

    На седница на Општина Карпош пред еден месец, фирмата која го изработуваше Детаљниот урбанистички план „Тајфа архитекти“ презентираше проект како може да изгледа просторот, а потоа Општина Карпош тие слики ги објави на својата веб-страна. Но, тоа, како што кажа планерот Стефан Лазаревски, не значи дека во „Алумина“ ќе се градат згради според нивниот концепт, инвеститорот може да одбере или да изготви и друг концепт. На советниците им беше кажано дека по барање на сопственикот на земјиштето веќе се изработени уште две решенија од други планерски куќи и од нив беше презентирано кратко видео. Според другите две решенија, на просторот има повеќе згради и со поголема висина.

    „Ова земјиште во 2008 година е купено од израелската компанија ‘Газит Глоуб‘ кој тука сакаше да гради голем трговски центар. Во 2018 година планот е укинат од Уставен суд бидејќи не се почитувала процедурата за негово носење. Во 2020 година земјиштето е продадено на ‘Пуцко Петрол‘. Ние како планерска куќа врз основа на параметрите од ДУП-от предлагаме како може да се реши просторот, но до инвеститорот е што и како ќе гради“, рече планерот Лазаревски.

    Според одредбите од ДУП-от, се предвидува намена домување и комерцијално-деловна намена.

    Јавната презентација за ДУП-от ќе се одржи на 12 декември (вторник) во 13 часот во просториите на Општина Карпош. Анкетни листови со забелешки на овој план можат да поднесат само оние кои се сопственици на земјиште во просторот на „Алумина“. Во овој случај, тоа е сопственикот на земјиштето „Пуцко Петрол“.

    Граѓаните кои имаат куќи веднаш до новиот комплекс згради кој се планира и кои живеат тука со години немаат право да поднесат анкетен лист оти не се во овој блок кој се планира.

    Според 3-Д презентацијата, која е објавена на веб страната на Општина Карпош, на просторот се нацртани осум згради, од кои шест се со висина од 9 до 14 ката, а две се кули од 25 до 35 ката. На презентацијата зградите се претставени со зеленило на терасите, на просторот се изведени улици и минипаркови меѓу зградите, но нема ниту еден објект за јавна намена како градинка или школо.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира