ОСУМ ВИСОКОКАТНИЦИ, ОД КОИ ДВЕ ОД 25 ДО 35 КАТА, НАЦРТА ОПШТИНА КАРПОШ НА ПРАЗНИОТ ПРОСТОР КАЈ ПОРАНЕШНА „АЛУМИНА“, СОСЕДИТЕ НЕМААТ ПРАВО НА ЖАЛБА

ОСУМ ВИСОКОКАТНИЦИ, ОД КОИ ДВЕ ОД 25 ДО 35 КАТА, НАЦРТА ОПШТИНА КАРПОШ НА ПРАЗНИОТ ПРОСТОР КАЈ ПОРАНЕШНА „АЛУМИНА“, СОСЕДИТЕ НЕМААТ ПРАВО НА ЖАЛБАСпоред 3Д презентацијата која е објавена на веб страната на Општина Карпош на просторот се нацртани осум згради, од кои шест се со висина од 9 до 14 ката, а две се кули од 25 до 35 ката. (Фото: Општина Карпош)

На празниот простор на поранешната фабрика „Алумина“ во Скопје ќе се градат осум нови згради. Општина Карпош го изготви Деталниот урбанистички план (ДУП) З06 блок 11 кој го опфаќа само делот на некогашна „Алумина“, за кој во тек е јавната анкета, а јавната презентација ќе се одржи на 12 декмври во 13 часот во просториите на Општина Карпош.

Според 3Д презентацијата која е објавена на веб страната на Општина Карпош, на просторот се нацртани осум згради, од кои шест се со висина од 9 до 14 ката, а две се кули од 25 до 35 ката. На презентацијата зградите се претставени со зеленило на терасите, на просторот се изведени улици и мини-паркови меѓу зградите, но нема ниту еден објект за јавна намена како градинка или школо.

Јавната презентација на планот е на 12 декември во 13 часот во просториите на Општина Карпош. (Фото: Општина Карпош)

Анкетни листови со забелешки на овој план можат да поднесат само оние кои се сопственици на земјиште во просторот на „Алумина“. Граѓаните кои имаат куќи веднаш до новиот комплекс згради кој се планира и кои живеат тука со години немаат право да поднесат анкетен лист оти не се во овој блок кој се планира.

Од граѓанската група „Борба за Влае“ велат дека со овој предлог ДУП личи како градоначалникот Стевчо Јакимовски да не се грижи за општината, за Тафталиџе и за целиот град.

„Ниту парк, ни нешто од јавен интерес. За градски четврт во кој нема жители кои можат да се пожалат на анкетниот лист бидејќи во таму имаше фабрика, не домови, а Општината не дозволува да реагираат другите жители ниту ги зема предвид коментарите од алатката е-урбанизам. Планира 35-катници и не дозволува соседите да дадат мислење. Северно од тие 35-катници, преку една мала уличка, има куќи и зградички кои таму постојат со децении и немаат право да се пожалат за тоа што ќе им биде одземена сончевата светлина. Зградите во Алумина од 35 спрата се врв на алчноста и непочитувањето кон сите жители на Карпош“, велат од „Борба за Карпош“,

Од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“, која има два советника во Советот на Општина Карпош, велат дека идеите на грѓаните не се вклучени во ова решение, нити е разбрана суштината на хумано живеење.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира