РАДИОАКТИВНАТА ДЕПОНИЈА КРАЈ ПАТОТ ГРАДСКО-ВЕЛЕС НЕ Е ИСПИТАНА 12 ГОДИНИ

    РАДИОАКТИВНАТА ДЕПОНИЈА КРАЈ ПАТОТ ГРАДСКО-ВЕЛЕС НЕ Е ИСПИТАНА 12 ГОДИНИДепонијата во поранешната фабрика за вештачко ѓубриво „Хемиска Индустрија Велес“ (ХИВ) близу автопатот кај Градско - Велес е со 1,5 милиони тони отпаден гипс кој пред 12 години бил радиоактивен и потребни се нови испитувања за сегашната состојба (Фото:СДК.МК)

    Во близина на Велес, во поранешната фабрика за вештачко ѓубриво „Хемиска Индустрија Велес“ (ХИВ) се наоѓа депонија, која своевремено била радиоактивна.  Таа се состои од отпад кој се добивал по производниот процес  во фабриката. Проценките се дека е повеќе илјадници  тони гипс. Депонијата денес е напуштена и отворена. За неа, како една од црните еко точки во Македонија, има работено д-р Трајче Стафилов, професор на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

    „Станува збор за околу 1,5 милиони тони отпаден гипс кој се добиваше како отпаден продукт при производството на вештачките ѓубрива. Тој е депониран на околу 1-1,5 км од ХИВ.  Резултатите од анализите на неговата радиоактивност извршени пред 12 години покажаа зголемена специфична радиоактивност за околу 2-3 пати во однос на специфичната радиоактивност на околните почви. Бидејќи е поминат подолг временски период, потребно е да се извршат нови испитувања за да се знае точно сегашната состојба“, вели д-р Стафилов.

    Велешките екологисти од еколошкото друштво „Вила Зора“  побараа од надлежните да се изјаснат за отпадот од фабриката за вештачко ѓубре ХИВ. Скудните информации со кои се располага,  се дека тој своевремено бил радиоактивен.

    „Во нашето еколошко друштво слушнавме за тоа дека отпадот од фабриката ХИВ своевремено бил радиоактивен. Се воздржуваме од каков било коментар сѐ додека надлежните не излезат со релевентни информации“,  вели Ангел Киров, портпарол на „Вила Зора“.

    Депонијата се наоѓа во близина на автопатот, на делницата Градско – Велес и на стариот регионален пат на истата релација.  Видлива е за возачите, иако е скриена во борова шума. Но белата боја отскокнува од  околното зеленило.

    Од Дирекцијата за радијациона сигурност велат дека велат дека оваа депонија не е опасна оти тука нема лица кои се подолго време изложени на неа, сите патници се на пропатување и минување со нивните превозни средства, никој не се задржува. Дирекцијата е самостоен орган на државната управа, надлежна за воспоставување на систем за контрола над сите извори на јонизирачко зрачење и за  безбедно управување со радиоактивен отпад

    „За бараната област последен мониторинг е извршен во периодот додека фабриката работела.  Постои веројатност нивото на зрачење да е зголемено поради концентрацијата на активност на радионуклидите присутни во вештачките ѓубрива, но истото е во дозволените граници пропишани од Дирекцијата. Со оглед на тоа што фабриката не работи и нема населено место во близина, не  постои опасност од поголема изложеност на зрачење на население“, се вели во писмениот одговор од  Дирекцијата за радијациона сигурност.

     П. ПЕЧКОВ  

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира