РАМПИ НА ШУМСКИТЕ ПАТИШТА НА БЕЛАСИЦА ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ДИВАТА СЕЧА, БАРААТ ЖИТЕЛИТЕ НА КОЛЕШИНО

    РАМПИ НА ШУМСКИТЕ ПАТИШТА НА БЕЛАСИЦА ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ДИВАТА СЕЧА, БАРААТ ЖИТЕЛИТЕ НА КОЛЕШИНОДивата сеча на Беласица е ризик за свлечишта и ги загрозува изворите за вода. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Колешино во Општина Ново Село повторно излегоа на протест против дивата сеча на планината Беласица, на кој се приклучија и жителите од околните села. Тие се гневни што и покрај нивните предупредувања и реакции, секој ден од Беласица брмчат возила и моторни пили уништувајки го шумскиот фонд. Како што потенцираа, загрижени се од можни свлечишта и загадување на изворите од каде се снабдуваат со вода.

    „Сега да отидеме на Беласица ќе сретнеме најмалку 30 возила без регистрација, сечат кој каде ќе најде. Тоа е неподносливо и после тоа имаме проблем, може да се створат свлечишта, може да ни се загадат изворите од кои пиеме вода. Мора да се стави ред на дивите сечачи. Не сме против стопанисување на Беласица, меѓутоа да има еден ред“, кажа Ѓорги Пециров од Колешино.

    Ова е вторпат за неполн месец како жителите од Колешино и околните села, излегуваат на протести. Најавија порадикални мерки ако шумската полиција и шумочуварите не го спречат дрвокрадството на Беласица.

    „Треба да има рампи на сите шумски патишта во Беласица за контрола на сите возила, а меѓудругото треба да се прогласат одредени појаси како заштитени подрачја. Ако не се слушнат нашите барања, ќе блокираме патишта и гранични премини“, кажа еко-активистот Давид Златанов.

    За зачестени контроли од шумската аполиција и шумочуварите апелираше и локалниот Совет за превенција на Ново Село, кој заседаваше минатата недела . Советот побара и објава на годишните планови за сеча на планината Беласица, за да се знае каде е предвидено да се врши сеча за огревни дрва.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира