РАСИПАНИ СЕ КАМИОНИТЕ НА СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, НЕМА НИ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, КАЖА СИНДИКАТОТ И НАЈАВИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РАКОВОДСТВОТО

    РАСИПАНИ СЕ КАМИОНИТЕ НА СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, НЕМА НИ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, КАЖА СИНДИКАТОТ И НАЈАВИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РАКОВОДСТВОТОВработените и СУТКОЗ ќе поднесат кривични пријави и пријави до Државниот инспекторат за труд против раководството на претпријатието. (Фото: СДК.МК)

    Ѓубрето од контејнерите не се собира бидејќи дел од камионите на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“ се расипани, а нема ни резервни делови за да се поправат. Од единствениот репрезентативен Синдикат за комунални дејности (СУТКОЗ) и од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) велат дека имале средба со вработените во претпријатието на кој им било кажано дека веќе извесен период имаат проблеми со механизацијата.

    На состанокот, иако биле поканети, не дошле директорот на претпријатието и членовите на Управниот одбор.

    „Досега, неколку месеци на вработените во претпријатието платата им се исплаќа со задоцнување и покрај нашите сознанија дека на сметката на претпријатието редовно од наплатата на сметките од граѓаните се префрлаат парични средства. И покрај тоа што се доцни со исплатата на платата за месец септември, сакаме да ја известиме јавноста дека вработените во претпријатието редовно ги извршуваат своите работни задачи со средствата кои им стојат на располагање, а истите се во недоволен број, односно има недостаток на камиони за собирање на смет, а за поголем број од нив нема резервни делови и не се во возна состојба. За таквата ситуација вината не е кај вработените во претпријатието, кои вложуваат максимални напори да се собере сметот, туку кај раководството на претпријатието“, се вели во соопштението на СУТКОЗ.

    Вработените и СУТКОЗ ќе поднесат кривични пријави и пријави до Државниот инспекторат за труд против раководството на претпријатието.

    Основното јавно обвинителство Скопје вчера издаде наредби до Министерството за внатрешни работи и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП „Комунална хигиена“.
    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за проблемот со несобирањето на ѓубрето ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира