Тетовскиот плоштад спаѓа во еден од најбезличните јавни простори во државата. Сиви бетонски плочки, минимум зеленило и неколку клупи, од кои повеќето се искршени, тоа е сè што може да понуди централниот дел на Тетово. До неодамна, плоштадот беше претворен во автодром за електрични автомобилчиња со кои се возеа децата и беа опасност за минувачите. Кога конечно ги тргнаа од овој простор, сега тој зјае празен и без никаква содржина која би ги привлекла тетовци.
Ваквата состојба во која се наоѓа градскиот плоштад можно е наскоро да се промени. Општината објави оглас за идеен проект, со цел овој урбан простор да се збогати со нови содржини.
„Како краткорочно решение планираме уредување на плоштадот со урбана опрема. Тоа го работиме со студиските програми во рамките на Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот на југоисточна Европа. Во делот на долгорочните решенија, се развиваат две опции. Едната е на овој простор да се изгради подземна сообраќајна инфраструктура, а надземниот дел да биде пешачка зона. Втората опција е на дел од плоштадот да се изгради подземен паркинг“, вели градоначалникот Билал Касами.
Реконструкцијата на плоштадот беше направена во 2008, кога целосно се промени неговиот стар лик. Тогаш беа отстранети сите содржини, се исекоа десетина дрва, се сруши големата фонтана, а беа тргнати и мермерните плочки. Исто така, тогаш од овој простор беа отстранети и бистите на народните херои од Тетово, Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчески-Амбарче. Иако тогашната општинска власт велеше дека тоа е само времено решение додека не се изгради новиот плоштад, бистите 15 години чекаат да бидат вратени.
З. АНДОНОВ