РАСПОРЕНО И ИЗГОРЕНО КУЧЕ ФРЛЕНО ВО ЦЕНТАРОТ НА КАВАДАРЦИ

    РАСПОРЕНО И ИЗГОРЕНО КУЧЕ ФРЛЕНО ВО ЦЕНТАРОТ НА КАВАДАРЦИКучето е убиено и брутално малтретирано, алармира кавадаречко здружение за заштита на животните Аними реино

    Убиено и ужасно малтретирано куче е најдено близу маркет во новиот центар на Кавадарци, алармираше Аними реино, кавадаречко здружение за заштита на животните, кое  бара да се стави крај на ваквите безмилосни убиства.

    „За кучето бевме информирани од загрижено девојче кое е вознемирено од глетката. Очевидци велат дека кучето буквално изгледало распорено, горено или на некој друг брутален начин малтретирано. Кој заслужува вакво изживување? Кое живо суштество го заслужува ова, оваа суровост и болка?”, објави Здружението на својата фејсбук страница.

    Од Аними  реино ни рекоа дека денеска планираат случајот да го пријават во полиција, а се интересираат и дали наоколу има камери и дали тие евентуално можеби снимиле нешто. Апелираат исто така да се јави секој што можеби знае нешто повеќе  за инцидентот.

    Според измените во Кривичниот законик, предвидена е затворска казна од една година ако некој малтретира животно.

    Полицијата нема достапна статистика за  случаите на насилство врз животните во овој регион, ниту пак за процесуираните санкции. Сепак, од здруженијата апелираат на честите случаи на труења, а потсетуваат и ланското бруталното убиство на бремена кучка која била обесена и избодена во стомакот, за што беше поднесена и кривична пријава.

    Од Службата за информирање при Општина Кавадарци велат дека е во тек постапка за наоѓање на решение за шинтерска служба.

    „Општината нема надлежност врз ниските страсти на одредени луѓе. Ги осудува нивните постапки. Се апелира и до несовесните сопственици на кучиња своите некогашни миленици сосила да не ги прават скитници со тоа што ќе се откажат од нив, за да не ескалира проблемот“, велат од Општината.

    Создавањето на Служба за заштита и контрола на животните е најзначајното прашање кое мора да биде што поскоро регулирано за реално да се овозможи доследна примена на Законот за заштита и благосостојба на животните и другите позитивни прописи кои ја регулираат оваа материја, но и како ефикасна мерка за превенција на кривични дела врз луѓето, изјави лани адвокатката Наталија Радивојевиќ-Миленкова, активен член и адвокат на Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ и правен советник на повеќе други здруженија за заштита на животни.

    „Ова го говорам од искуство бидејќи сум сведок на тоа дека извршителите на делата мачење на животни се секогаш и извршители на потешки кривични дела спрема луѓето и доколку се фатат и доколку одговараат за извршеното мачење на животни, од старт би се спречиле да не извршат потешки кривични дела“, вели адвокатката Радивојевиќ-Миленкова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира