Бројот на заболени од ковид-19 во Тетово последниве денови е во пораст, поради непочитувањето на заштитните мерки за време на празниците. Вчера во Тетово беа регистрирани 35 новозаразени, а активни се 352 болни. Од тетовската Клиничка болница велат дека бројот на новозаболени не е голем во однос на другите градови, но секојдневното зголемување на бројот на амбулантски прегледи навестува дека во наредниот период може да се очекува зголемување и на бројот на болни.
„Од почетокот на оваа година бројот на заразени лица со ковид-19 е зголемен. Во изминативе 24 часа се извршени над шеесетина амбулантски прегледи, а за среќа, најголемиот дел, околу 95 проценти од прегледаните се со лесна клиничка слика, најмногу се со симптоми на грип, а само 5 проценти се со ковид. Во Клиничката болница моментално се хоспитализирани само 7 пациенти со ковид-19 и сите се на кислородна поддршка. Четворица од хоспитализираните пациенти се со примени 2 дози од вакцината, но тие освен ковид имаат и други заболувања како дијабетес, кардиоваскуларни и други заболувања“, вели д-р Хасан Иљази, одговорен за контакт со медиумите во Клиничката болница во Тетово.
Поради малиот број хоспитализирани, засега како Ковид-центар се користи само Инфективното одделение, но од болницата велат дека ако има поѕреба, првиот и вториот кат од Интерното одделение целосно се подготвени да ги примат сите болни.
З. АНДОНОВ