Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски до сега направил три теста за коронавирус. На првиот бил негативен. Но, разликата помеѓу двата први теста била околу 18 дена, а со третиот тест уште дополнителни 10 дена, што е сосема доволен период за еден пациент да се негативизира, изјави министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција на прашањето како можел градоначалникот да добие негативен тест во приватна клиника ако претходно бил позитивен на коронавирус и дали постои сомнеж во кавлитетот на тестовите кои се користат во Центрите за јавно здравје.
Градоначалникот на Куманово Димитриевски вчера на својот Фејсбук профил објави дека е негативен на КОВИД-19 откако повторно се тестирал во релевантни лаборатории и побара да биде укината самоизолација за него и за неговата сопруга.
„Тестовите коишто се користат во Институтот за јавно здравје се одобрени од Светската здравствена организација (СЗО). Има само претпоставки после колку време од тестирањето за оној кој што добил позитивен резултат може пациентот да се негативизира, имајќи предвид што не се знае колку време претходно бил носител на вирусот. Во конкретниот случај, знаеме дека разликата помеѓу двата теста била некаде 17-18 дена, а со третиот тест уште дополнителни 10 дена, што е сосема доволен период за еден пациент да се негативизира“, изјави Филипче.
Димитриевски беше потврден за позитивeн на коронавирус на 16 април, заедно со уште 40 кумановци, меѓу кои и петмина члeнови на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Еден ден пред тоа се одржа проширена седница на штабот на која присуствуваше премиерот Оливер Спасовски и тројца министри, поради што тие мораа во самоизолација.
Филипче додаде дека мерките се даваат и се имплементираат за да се почитуваат и тоа е суштината, поради тоа што секоја мерка има медицинска издржаност затоа тоа треба да биде така.
„14 дена трае инкубациониот период, еве и ние сме негативни и јас лично немам ни решение за изолација, а седам 14 дена заради тоа што во тој период некој може да покаже дека е позитивен на вирусот, бидејќи толку трае инкубацијата. Во таа смисла апсолутно секој треба да се придржуваме до мерките“, рече Филипче.
Министерот рече и дека е завршен вонредниот инспекциски надзор за утврдување дали има прекршување на протоколите околу средбата на владините претставници и локалните власти во Куманово, и предаден е на МВР, поради тоа што се констатирани одредени недостатоци.
С. НИКОЛИЌ