На еден месец пред распишување на Локалните избори, а три месеци пред одржувањето, Општина Битола донесе ребаланс на буџетот со 165 развојни ставки. За власта ова ќе биде историски развој на градот, а за опозицијата политички маркетинг пред избори со проекти поддржани со пари од унгарскиот кредит од Владата.
Ребалансот со 17 гласови „за“ го изгласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, Левица, ДОМ, Демократскиот сојуз на Власите и Партијата на пензионерите. СДСМ гласаше против, а Поинаку воздржано.
Градоначалникот Тони Коњановски го нарече историски денот кога беше изгласан ребалансот, 14 јули. Презентираше дека со него ќе се градат три типски училишни сали, 9 спортски училишни игралишта, реконструкција на објект кој ќе се пренамени во училишта, атлетска патека, сала за боксување, реконструкција на многу улици во Битола и околните села и уште многу други инвестици. Рече дека вкупната вредност на сите одобрени проекти е во висина од 707 милиони денари (над 11,5 милиони евра) за три години.
„Ова не се проекти за предизборна кампања, туку инвестиции за кои изминатиот период, напорно и посветено работевме на проектна документација, за да можеме сега да преминеме на реализација“, рече Коњановски.
„И ние сме за развој, но кој ве спречуваше четири години ова да го направите. Одеднаш на три месеци пред избори, осум спортски игралишта, а во четири години едно направивте на наша иницијатива “, рече Иван Чулакоски од Поинаку.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска од Поинаку, рече дека во историјата на градот не постоела Развојна програма со над 165 ставки и дека ќе го закопа градот за следните 4 години. До крајот на годината ќе има локални избори, ќе нема можност за нов ребаланс или нешто да се измени.
За Борче Корелевски од СДСМ ребаласот е желботека која ќе се оставри за 50 години.
„Како да сме на предновогодишна забава, ни поделија папки со проекти ‘Среќна 2076’, во нив пишува дека ќе се реализираат од 2025 до 2076 година. Фала на општинската администрација што беа искрени“, рече Корлевски.
Советникот Гаврил Трјаковски рече дека ништо не е направено во изминатите четири години, но Левица нема да дозволи граѓаните да се држат во заложништво на лоши суети, па ќе даде зелено светло за ребалансот и да видат дали ќе почне нешто да се гради.
И советничката Анастасија Трајковска од ДОМ го поддржа ребаласот за, како што рече, да покаже конструктивност, а не политикантство. Но, посочи дека граѓаните треба да знаат оти парите од Владата не се грант, туку кредит со кој се задолжуваат сите граѓани.
„Развојна програма со 165 ставки која треба да се реализира во период од 3 години, не знам дали имаме капацитет и да ја изведеме и да ја контролираме“, рече Трајковска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА