РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА ВО НОВАЦИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО КРАЈОТ НА 2024, СЕ ЧЕКА ДА СЕ УСОГЛАСАТ ОПШТИНИТЕ, ВЕЛИ ШУКОВА

    РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА ВО НОВАЦИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО КРАЈОТ НА 2024, СЕ ЧЕКА ДА СЕ УСОГЛАСАТ ОПШТИНИТЕ, ВЕЛИ ШУКОВАСо изградбата на депонијата во Новаци, ќе се затворат сите депонии во Македонија кои се нестандардни и не се во согласност со препораките на УНЕСКО (Фото: СДК.МК)

    Активностите за изградба на Регионалната депонија во Новаци сè уште не се почнати, иако според најавите градбата требаше да започне уште минатата година. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова вели дека нема проблем, но треба време институциите да се организираат, а Општините да се усогласат оти често, како што вели таа, немале исто мислење.

    „Секоја подготовка на еден ваков голем проект има подготвителен период кој е поминат. Во моментов, институционално се организираме, формираме и проектна канцеларија и проектот многу брзо ќе почне. Опфатени се пет региони. Југозапад и Пелагонија се регионите кои се во понапредна фаза во полза и за среќа на Охридското Езеро како и на депонијата Буково, која се надевам ќе биде една од првите депонии на која ќе престане да се депонира отпад. Процесот на доизградба на претоварни станици и санитарна депонија не е едноставен. Земете предвид дека треба да се усогласат сите Општини, многу често се случува некоја Општина да има спротивставено мислење на она што го правиме. Но, се надевам дека до крајот на годината ќе почнеме со активности за распишување на јавни набавки за опрема на јавните претпријатија и за изградба на претоварните станици за Регионалната депонија во Новаци“, кажа Шукова.

    Министерката вели дека до крајот на 2024 година ќе биде готова депонијата во Новаци, со што ќе се затворат сите депонии во државата кои се нестандардни и не се во согласност со препораките на УНЕСКО.

    Таа кажа дека паралелно со овој процес ќе се воспостави и процес на предселекција на отпадот. Граѓаните ќе мора да вршат селекција со што ќе се намалат количините кои финално се носат на депониите. Ќе се набават нови контејнери за предселекција, а ќе се подигнува и јавната свест за примена на ваков систем кој е според европски стандарди.

    Екологистите сметаат дека треба да се забрза процесот за изградба на современа регионална депонија со кој ќе се затворат сите депонии во Пелагонискиот и Југозападниот Плански Регион и со кој ќе се реши деценискиот проблем со загадувањето на животната средина, за кој со години негодуваат еколошките организации и граѓаните, а критики има и од УНЕСКО.

    „Процесот треба да се забрза да се направат напори за да целиот тој отпад на почеток се селектира, се редуцира и само мал дел би се носел на тие депонии. Со тоа би имале поголеми финансиски заштеди како за населението така и за оние кои управуваат со отпадот и би се доближиле до европските регулативи кои бараат отпадот да се редуцира и да се реупотребува а на крај да се депонира“, вели Ѓоко Зороски, граѓански активист за животна средина.

    Системот за управување со отпадот на новата регионална депонија предвидува и претоварни станици за отпад во Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола, а ќе се формира и јавно меѓуопштинско претпријатие за транспорт и одлагање на сметот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира