РЕГИСТРИРАНИ 35 ЗАРАЗЕНИ ОД ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА, ПОЧИНАА ТРОЈЦА КОИ ИМАЛЕ ПОВЕЌЕ БОЛЕСТИ

    РЕГИСТРИРАНИ 35 ЗАРАЗЕНИ ОД ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА, ПОЧИНАА ТРОЈЦА КОИ ИМАЛЕ ПОВЕЌЕ БОЛЕСТИДиректорката на ИЈЗ, д-р Марија Аноновска, градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајковска, министерот Клековски и директорот на ДЗС, Кирил Лазаров на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Три лица починаа од западнонилска треска, а 35  се потврдени случаи и три суспектни на западнонилска треска, кои се во процес на дијагностицирање. Шестмина се во критична состојба и се наоѓаат на интензивна нега на Инфективната клиника, кажа денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

    Починатите лица се на возраст од 83, 72 и на 61 година, кои имале повеќе коморбидитети.

    Од потврдените случаи, повеќето се згрижени на Клиниката за инфективни болести, а еден пациент е згрижен во приватна здравствена установа. Петнаесет пациенти се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни за болести.

    Центарот за јавно здравје Скопје (ЦЈЗ) на 11 август прогласи епидемија на западнонилска треска во следните делови од Скопје: Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и зафатени населби како Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, Јурумлери.

    Министерот кажа дека во моментот најактивно подрачје во Европа со западнонилска треска е Атина и додаде дека во Грција досега има 81 случај со невроинвазивна форма и девет починати, а веќе има случаи и во пограничните зони со Македонија.

    „Веќе се информирани сите инфективни одделенија, матичните лекари, семејните лекари, Клиниката за неврологија, а и невролозите генерално, така што алертот за препознавање и дијагностицирање е тука и капацитетот за дијагностицирање е тука“, кажа Клековски на прес-конференцијата на која присуствуваа и директори на повеќе здравствени установи, како и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајковска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира