РЕК БИТОЛА ГИ НАМАЛИ НЕПРОКРИЕНИТЕ ПОВРШИНИ СО ПЕПЕЛ НА ДЕПОНИЈАТА

    РЕК БИТОЛА ГИ НАМАЛИ НЕПРОКРИЕНИТЕ ПОВРШИНИ СО ПЕПЕЛ НА ДЕПОНИЈАТАЛани на одлагалиштето за пепел имаше 30.000 метри квадратни со пепел непокриен со земја, а сега е сведено само на 5.000 метри квадратни, рече Јани Макрадули, заменик-министер за екологија на днешната средба со претставниците на невладините организации, пелагониските општини и раководството на РЕК „Битола“ во комбинатот (Фото: СДК.МК)

    Доколку ги споредиме податоците за мај, јуни и јули со оние од лани, тие покажуваат драстично намалување на концентрациите на ПМ честичките во Битолскиот Регион. Најеклатантен пример е што лани на одлагалиштето за пепел имаше 30.000 метри квадратни со пепел непокриен со земја, а сега е сведено само на 5.000 метри квадратни, рече Јани Макрадули, заменик-министер за екологија на днешната средба со претставниците на невладините организации, пелагониските општини и раководството на РЕК „Битола“ во комбинатот.

    Генералниот директор на РЕК „Битола“ Васко Ковачевски посочи дека во тек се повеќе еколошки проекти за заштита на животната средина.

    „Во тек е проект за третман на пепелта, денес имаме и изведувач во делот на прскањето на пепелта и третманот според прописите. Со начинот на кој се третира пепелта согласно законот и прописите, сериозно се намалени површините со пепел кои се на одлагалиште. Со дополнителен ангажман на сопствена механизација и правилен процес на работа успеавме да го намалиме овој дел. Во следниот период ќе подготвиме една нова касета со земја каде ќе се третира пепелта, и сметаме дека значително има влијание врз намалувањето на честиците во воздухот во изминатите месеци“, рече Ковачевски.

    Тој додаде дека за оваа година ќе има темелна реконструкција на електростатските филтри кои не се сервисирани уште од 1996. За таа намена за годинава предвидени се 5,5 милиони евра и наредните 2 години уште 15 милиони евра со што ќе се достигнат стандардите на ЕУ. Во тек е и постапката за рекултивизација на подрачјето околу и во РЕК. Во 2019 ќе се врши темелна реконструкција на разладната кула на Блок 2, зашто што внатре се наоѓаат 3.500 тони азбест.

    Макрадули најави дека до октомври РЕК ќе добие А интегрирана еколошка дозвола.

    „Постапката години наназад била само со најави без никакви конкретни активности. Се вчудоневидив кога дојдов во Министерството и видов дека РЕК или ЕЛЕМ не конкурирал за А интегрирана дозвола. Поради тоа, во овој момент, инспекцијата нема задача да дојде овде во РЕК, ова не постои или како да лебди од аспект на Министерството за животна средина. Со дозволата ќе се наметнат стандарди на постојано информирање на состојбата со загадувањето“, рече Макрадули.

    Тој најави дека македонското и грчкото Министерство за животна средина преку проект на Интерег заедно ќе го мерат загадувањето во пограничните региони. Ќе се постават мерни станици во реонот на Битола и Гевгелија и за првпат ќе Македонија ќе добие податоци колкаво е пограничното загадување.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира