Реката Бабуна е пресушена во нејзиниот долен дел. Вода во коритото нема ниту во локалитетот Пешти и Макаревац, омилени излетнички места на велешани. Реката, долга 65 километри, е пресушена уште кај Војнички мост, во средишниот дел. Ваква е состојбата еден месец.
„Сушна година, жално, нема вода, нема риби. Но, некои соседи кои имаат бавчи покрај реката, повисоко од ова место, ја вртат водата кон нив и придонесуваат да пресуши. Се уништи и рибниот фонд и растителниот свет“, вели жител на селото Војница.
Периодот од три месеци без врнежи придонесоа и на мала издашност на изворите на реката Бабуна, во пазувите на планината Јакупица. И омиленото излетничко место, водопадот на реката Бабуна, не е така атрактивен оти има малку вода. Реката Бабуна пресуши во 2017, исто така при крајот на август и почетокот на септември.
Како концесионер на рибниот фонд на Бабуна, Здружението на спортски риболовци од Велес за ваквата состојба пријавило до Државниот инспекторат за животна средина ( ДИЖС). Тие излегле на терен и констатирале дека пресушувањето не е предизвикано од човечки фактор или од негови активности.
„Во самото речно корито, низводно на локацијата околу Војнички мост, не постојат изградени објекти и постројки со кои се врши преградување на речното корито – зафатни градби – брани, за да се зафаќа и користи водата од реката, а за кои градби се предвидува дозвола за користење води согласно Закон за водите“, констатирале од ДИЖС.
Затоа, тие заклучиле дека причината се неповолните хидрометеоролошки и временски услови кои владеат во земјава, долг период без врнежи и екстремно високите температури, како и користењето на водата за полевање на засадените градинарски култури од локалното население.
П. ПЕЧКОВ