РЕКАТА ТОПОЛКА И НАСЕЛБАТА ПРЕВАЛЕЦ ВО ВЕЛЕС ДВАПАТИ ПОБЕЛЕА ОВАА НЕДЕЛА

    РЕКАТА ТОПОЛКА И НАСЕЛБАТА ПРЕВАЛЕЦ ВО ВЕЛЕС ДВАПАТИ ПОБЕЛЕА ОВАА НЕДЕЛАЖителите и локалната власт се сомневаат дека загадувањето го создава фабриката за вар од Превалец (Фото: СДК)

    Неделава во два наврати, реката Тополка и воздухот во населбата Превалец побелеле. И жителите на населбата и локалната власт реагираа за загадувањето, кое, според нив, го создава Варницата во Превалец. Овој проблем со месеци е актуелен, но засега нема реакции од надлежните Министерство и инспекторат.

    „Лично бев сведок кога во вторникот реката беше бела, како каша. Не знам од што може толку да се замати и дали воопшто во неа има жив свет. Мене ме зачудува податокот кој го добив од надлежните општински служби дека Министерството ја одзело А-интегрираната дозвола за работа на Варницата, со која стопанисува фирмата „Техно павер“ од Скопје, а таа и натаму работи. Зошто надлежните од Министерството за животна средина и инспекторатот ништо не преземаат? Нивното молчење ме загрижува“, кажа градоначалникот на Велес, Коцевски.

    Населбата Превалец во облак со прашина (Фото: СДК)

    Тој додаде дека тие како општина не се надлежни за А-инсталации, туку државата, но прават сѐ фабриката да работи, а да не загадува. Констатира дека деновиве имало и облак со прашина, кој го загадува воздухот во населбите Превалец и Тунел, за што жителите жестоко реагирале.

    На трибината за работата на фабриката за вар, која пролетоска се одржа, за првпат во јавноста се огласи нејзин претставник, кој тврдеше дека белиот облак кој се јавува над неа е водена пареа и не е опасност по граѓаните, што ги револтираше присутните. Надлежниот државен инспектор за Велес, пак, изјави дека при негова контрола во фабриката бил физички нападнат од вработен, а директорот му се заканувал, па подоцна контролата на Варницата ја презел колега од друг град.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира