РЕКРЕАЦИЈАТА НÈ ОДРЖУВА ВО ЖИВОТ, ВЕЛИ ГРУПА ШТИПЈАНИ КОИ ВЕЌЕ 20 ГОДИНИ СЕКОЕ УТРО ПРЕКУ ЛЕТО ПЛИВААТ ВО БАЗЕН

    РЕКРЕАЦИЈАТА НÈ ОДРЖУВА ВО ЖИВОТ, ВЕЛИ ГРУПА ШТИПЈАНИ КОИ ВЕЌЕ 20 ГОДИНИ СЕКОЕ УТРО ПРЕКУ ЛЕТО ПЛИВААТ ВО БАЗЕНГрупата ја сочинуваат 30-ина мажи и жени на возраст од 55 до 75 години (Фото: СДК.МК)

    Седумдесет и двегодишниот Кире Рамбабов со години, па и ова лето, секое утро плива пет километри во базенот во Штип, а потоа вози велосипед најмалку 10 километри. Тоа му е минималната норма, а кога сака и има време, може да исплива уште толку и да вози велосипед до некој од соседните градови. Во зима плива во затоплениот базен во Куманово, а често плива и во зимските базени во Софија.

    Преку ден имам други обврски, па затоа во штипскиот базен влегувам во вода околу 5 часот. До 6:30 часот, кога доаѓаат останатите рекреативци, пливам сам и тогаш го исполнувам поголемиот дел од дневната норма, која ова лето ја фиксирав на пет километри. Потоа имам два часа пауза, па тргнувам во сосема друг поход: десетици километри велосипедизам по штипската околина, а некогаш и до некој од соседните градови“, вели Рамбабов.

    Тој е дел од рекреативната група од 30-ина мажи и жени кои цело лето пливаат во базенот во Штип, и тоа по три часа на ден. Станува збор за рекреативци на возраст од 55 до 75 години кои во својата младост биле активни спортисти. Има професори, текстилни работници, правници, економисти, инженери, доктори, адвокати и новинари и поголемиот дел од нив се пензионери.

    Кире Рамбабов секое утро плива пет километри во базенот во Штип (Фото: СДК.МК)

    Како што велат, тоа го прават редовно во изминатите 20 години.

    Рекреацијата нè одржува во живот. Богатство се и разговорите што ги правиме додека пливаме, а и после тоа кога ќе седнеме на кафе. Мене ми е посебно мило што целата група е мошне упорна повеќе од 20 години, што претставува куриозитет на ниво на цела држава“, вели 75-годишната Веска Радева, поранешна директорка на градинката „Астибо“ во Штип.

    Докторот Венцо Шопов доаѓа секое утро и во водите на базенот е речиси два часа, по што заминува на работа во Клиничката болница во Штип.

    Повеќе од 20 години, секое утро уште пред шест часот јас сум во базенот. Не форсирам многу, за мене е доволно да испливам 1,5-2 километра. Подоцна кога сум на работа се чувствувам поодморено, посмирено и посконцентрирано“, вели урологот Шопов.

    Ана Кошевалиска, инаку пензионирана професорка по информатика, ја има поддршката од својот сопруг, адвокатот Тодор Кошевалиски, кој плива со машката група. Тодор е син на Трајко Кошевалиски, основоположникот на штипската кошарка.

    Тука е и пензионираниот доктор Трајче Станчев со сопругата, а кога не плива, тој пешачи и по 10 километри.

    Тие му се благодарни на спортскиот работник Гоце Бојчев, кој како домаќин на базенот секое утро им ги создава условите за пливање, ги проверува водата и филтрите, ги мести лежалките и води евиденција кога доаѓаат.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира