РЕШЕН Е ПРОБЛЕМОТ СО ЛОКАЦИЈАТА ЗА ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ЗА ОТПАДНИ ВОДИ ОД ВЕЛЕС, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ШУКОВА

    РЕШЕН Е ПРОБЛЕМОТ СО ЛОКАЦИЈАТА ЗА ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ЗА ОТПАДНИ ВОДИ ОД ВЕЛЕС, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ШУКОВАСпоред проектната документација, вредноста на станицата е околу 24 милиони евра, средства од ЕУ. (Фото: СДК.МК)

    Решен е проблемот со локацијата каде треба да биде поставена пречистителната станица од колекторскиот систем за отпадни води за Велес, потврди министерката за животна средина Каја Шукова, при посетата на градот. Службеник од Министерството за земјоделие направил превид и локацијата каде треба да се гради колекторот ја дал за подигање лозови насади.

    „Се соочивме со таков проблем. Излеговме на терен со компанијата која ја добила парцелата за подигање на лозови насади, исто така со средства од ЕУ, со чии средства ќе гради и колекторски систем. Не можеме да дозволиме каде сме добиле европски пари да направиме штета. Направивме отстапка, ја информиравме Општината, технички не влијае врз проектот“, рече Шукова.

    Со проектот треба да се прифатат сите отпадни води од левата страна на градот, да се постави цевка под реката Вардар близу автобуската станица и да се префрлат на десната страна, а потоа да се носат до пречистителната станица. Таа е планирана под вливот на реката Бабуна во Вардар, низводно од Велес.

    Според проектната документација, вредноста е околу 24 милиони евра, средства од ЕУ. Поради комплексноста и специфичноста на теренот, изградбата би траела подолг временски период. Проектот е во надлежност на Министерството за животна средина.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира