БОЧВАРСКИ ПОВТОРИ ДЕКА АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА, РЕШЕН И ПРОБЛЕМОТ СО ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ЗЕМЈИШТЕТО

    БОЧВАРСКИ ПОВТОРИ ДЕКА АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА, РЕШЕН И ПРОБЛЕМОТ СО ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ЗЕМЈИШТЕТОАвтопатот Кичево-Охрид почна да се гради во 2014 и до овој момент чини 598 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    Автопатот Кичево-Охрид ќе биде готов до крајот на 2023, објави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, но не кажа дали ќе бидат потребни дополнителни средства. Рече дека активностите на терен ќе се засилуваат, а ќе расте и бројот на работници.

    „Очекувам градежните работи да продолжат со засилено темпо оваа година, секако во зависност од временските услови, за да може автопатот да се пушта во сообраќај по делници, како ќе се завршуваат. Таму работат повеќе градежни оперативи. Бројката на работници во последниот извештај беше преку 900 и очекувам таа да се зголемува со цел да се испочитува рокот“, рече Бочварски во Охрид вчера, по потпишувањето на спогодба со Србија, Словенија и Црна Гора за заеднички потраги при евентуални воздухопловни несреќи.

    Тој кажа дека во последните месеци се решил и проблемот со експропријација на земјиштето.

    „На последната владина седница беше точката за воведување во владение на Јавното претпријатие за државни патишта на одредени површини и парцели, каде што градежната оператива ќе може веднаш да влезе и да продолжи со работа. Согласно Законот за експропријација, можеме на одредени парцели после изготвување решение од страна на Агенцијата за имотно-правни односи да ја воведеме оперативата во владение и да ја забрзаме градбата на тие позиции“, кажа министерот.

    Автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, почна да се гради во 2014 и до овој момент чини 598 милиони евра. Според тогашните најави, автопатот требаше да биде готов за четири години, но поради низа нерешени проблеми на трасата, градежните работи и натаму не се завршени.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира