‘РЃОСАНИОТ И ОШТЕТЕН ЖЕЛЕЗЕН МОСТ ВО ВЕЛЕС ПО 40 ГОДИНИ КОНЕЧНО ТРЕБА ДА СЕ ОСВЕЖИ СО НОВА БОЈА

    ‘РЃОСАНИОТ И ОШТЕТЕН ЖЕЛЕЗЕН МОСТ ВО ВЕЛЕС ПО 40 ГОДИНИ КОНЕЧНО ТРЕБА ДА СЕ ОСВЕЖИ СО НОВА БОЈАМостот е изграден во 1922 година, кога се градела пругата Велес-Штип (Фото: СДК.МК)

    На Железниот мост во Велес итно му се потребни заштита и фарбање. Тој со години е незаштитен од надворешните влијанија, па дождот и временските неприлики оставија трага на челичната конструкција. Најмалку 30 години, мостот не е допрен.

    Првиот сосед Наце Алексовски, кој и самиот бил железничар, дваесетина години на негов трошок ја одржуваше пешачката патека од дрвени прагови, додека во 2011 локалната власт не постави метална.

    „Има 40-ина години како не е офарбан. Се сеќавам дека толку време мина, зашто тогаш во дворот од мојата куќа ги оставаа кофите со фарба. Оттогаш не е заштитен. Пред некоја година ги сменија праговите, но конструкцијата не е допрена“, вели Алексовски.

    Дождот и временските неприлики оставија трага на челичната конструкција (Фото: СДК.МК)

    Заедно со Градскиот саат и Спомен костурницата, Железниот мост е знаменитост на Велес. Изграден во 1922 година, кога се градела пругата Велес-Штип, мостот е симбол на градот, но е во лоша состојба, `рѓосан и оштетен. Од МЖ Инфраструктура најавуваат дека е во план да се фарба следната година. Годинава биле обновени три помали моста во земјава.

    „Во програмата за идната година се предвидува фарбање на три железнички моста, меѓу кои и во Велес. Во тек е процесот на подготовка на тендер за реализација на оваа активност“, соопштија од МЖ Инфраструктура.

    Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, планираше поради малиот број на композиции, мостот да се користи и за автомобили, но таа идеја кај надлежните не помина. По Железниот мост повеќе од три месеци не поминуваат возови, колку што е во прекин железничкиот сообраќај на линијата Велес-Кочани.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира