Ученици, родители, фирми и Општината се вклучија во акцијата за средување на руинираните простории во дел од училиштата во Битола. Исчезна грозниот изглед во повеќето училници во Медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, каде до пред два месеца скоро и да немаше исправна врата. Искршените врати се заменети со нови што ги донираше РЕК Битола, од невладина организација обезбедија столици, а парното греење во спортската сала кое немаше проработено седум години сега е ставено во функција со помош на екипа од Општина Битола.
„Акцијата ја започнавме со поддршка на учениците и родителите. Во десет дена се бојадиса цело училиште. Започнаа родители на двајца ученици, а потоа се приклучија сите. Некои донесоа боја, други испратија мајстори. Се организираа учениците од сите класови, а на крај сите заедно го средивме нередот и работата ја завршивме во рекордно време“, изјави Билјана Кокалевска, директорка на Медицинското училиште во Битола.
Со ова училиште со години управуваше Јасмина Ниќиќ Десановска, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, а на заминување го остави училиштето со блокирана сметка и долгови.
Напоредно се средуваат и руинираните делови во Основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола и неговото порачно школо во Горно Оризари. Молерисани се кабинетите, средени училниците кои имаа влага, просториите со оштетувања од поплави во долните катови, заменети се и искршените прозорци.
Битолската градоначалничка Наташа Петровска по ваквите промени во училиштата на својот фејсбук профил напиша: „Човечкиот фактор и менаџерскиот тим се исклучително значајни за успешно функционирање. Можело ако се сака!“
Реконструктивни зафати ќе бидат потребни и во други училишта низ градот, пред сѐ затоа што повеќето со години беа со блокирани сметки, па имаа проблеми со поправките. Долговите од 4,5 милиони евра на битолските училишта и понатаму остануваат главен проблем на битолското образование. Но, акцијата за реконструкција на дел од просториите покажа дека понекогаш е потребна и волја да се сменат работите, а не само пари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА