РОМИТЕ ВО ПРИЛЕПСКА ТРИЗЛА ЗАТРУПАНИ ВО ЃУБРЕ И БОЛЕСТИ

    РОМИТЕ ВО ПРИЛЕПСКА ТРИЗЛА ЗАТРУПАНИ ВО ЃУБРЕ И БОЛЕСТИВо населбата Тризла живеат 6 отсто од вкупниот број жители на Прилеп, или околу 8.000 (Фото: СДК.МК)

    Да се дегетоизира прилепската населба Тризлa со инвестирање во градба на станбени згради или индивидуални објекти за живеење на загрозените ромски семејства во предели каде општината има создадено услови за домување и пристап до јавни услуги, препорачува невладината организација РОМА С.О.С. од Прилеп, која што денеска ја презентираше „Почетната студија за домување на Ромите во општина Прилеп“. Во студијата се препорачува и да се постават јавни контејнери низ населбата, со приоритет на главните улици, со што ќе се овозможи подобра општа хигиена за жителите, а и да се реконструира и доуреди обиколниот канал, со атмосферска канализација во делот Дебарца и да се преземат мерки за заштита на околните домови од влага.

    Ново Село, Дебој, Три багреми и Мексико се четири делови кои што ја чинат населбата Тризла, а во најтешки услови живеат повеќе од стотини жители на Три багреми (Фото: СДК.МК)

    Овој документ е изработен врз основа на анализите на условите за живот на прилепските Роми, со теренски анкети спроведени во околу 600 домаќинства. А во населбата живеат 6 отсто од вкупниот број жители на градот, или неофицијално околу 8.000 граѓани.

    Ново Село, Дебој, Три багреми и Мексико се четири делови кои што ја чинат населбата Тризла, а во најтешки услови живеат повеќе од стотини жители на Три багреми. Во куќи од картонски кутии и теписи, пијат езерска вода, немаат квалитетно електроснабдување, немаат улици, околу нив има мали диви депонии.

    „Изминативе години во населбата Тризла,забележани се смртни случаи и повреди на деца, чии што домови се во непосредна близина на речното корито. Забележано е континуирано генерирање на отпад во коритото што преминува во депонија, а низ различни периоди од годината се појавуваат епидемии од заразни болести кај околните жители“, забележа Несиме Салиоска, од невладината РОМА С.О.С.

    Континуирано се собира отпад во речното корито што преминува во депонија, а низ различни периоди од годината се појавуваат епидемии од заразни болести кај околните жители (Фото: СДК.МК)

    Од „Хабитат – Македонија“ и Национален демократски институт коишто се партнери на РОМА С.О.С. во проектот посочуваат на други проблеми.

    „Десет до 15 отсто од населбата Тризла и над населбата не влегува во ДУП, тоа се Три багреми и Мексико. Таму луѓето имаат потешкотии на пристап до јавни услуги, мислиме дека тоа е еден од проблемите со коишто треба да се занимава локалната самоуправа во Општина Прилеп“, вели Александра Савевска од „Хабитат-Македонија“.

    Градоначалникот Марјан Ристески денеска не присуствуваше на овој настан. Пристигна пред почетокот, со намера да даде изјава за медиумите, при што потсети на реализираните проекти во населбата изминатата деценија.

    „Со Законот за легализација на дивоградби многу жители на Тризла добија имотен лист за својот имот што го поседуваат и сите права, што можат натаму да ги остварат со имотниот лист. Освен во супстандардните населби, проблемот со водоснабдувањето е решен, намален е процентот на неасфалтирани улици, а треба да се направат и законски измени во Собранието, за да може сите да бидат вклопени во урбанистичките планови. Околу 28 милиони евра од Европска унија ќе бидат наменети за населбата Тризла“, најави градоналачникот Ристески, но не одговори зошто досега не се решени проблемите со супстандардните услови за живот во населбата Три багреми.

    Претставниците на политичките партии што го следеа настанот реагираа зашто Ристески замина пред да почне дебатата за проблемите од урбаниот живот на Ромите во Прилеп.

    „На вакви скандалозни однесувања на градоначалникот сум навикнат, да се појави со 20 репортери и камери, да биде евидентирано неговото присуство и декларативно искажаната желба да помогне на Ромите што живеат во Прилеп, а потоа заедно со камерите да го снема“, рече Сашо Велески, советник од СДСМ, во Советот на Општина Прилеп.

    Реагираше и пратеничката Кети Смилеска, исто така жител на населбата Тризла.

    „Иднината треба да ја гледаме, но мора да се навратиме на дел од минатото, зашто во Декадата на Ромите, само декларативно се посочени проблемите, онака како што денеска се појави и најави решение на проблемите, градоначалникот Ристески. Не е во ред, пред медиумите да посочувате проблем, а решавањето да го оставите за подобри времиња“, рече Смилеска.

    Освен во Прилеп, проектот за „Правата на домување на Ромите“, се одржува и во скопската Општина Чаир и во Штип, каде исто така се подготвени студии што ги лоцираат најголемите проблеми, и нудат решенија за урбан живот на граѓаните.

    М. ТАЛЕСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира