РОЗА МОЈСОВСКА КОЈА СЛИКА СО УСТА, ПО 43 ГОДИНИ ВО ЗАВОДОТ ВО БАЊА БАНСКО СЕ ВСЕЛИ ВО СВОЈ ДОМ

    РОЗА МОЈСОВСКА КОЈА СЛИКА СО УСТА, ПО 43 ГОДИНИ ВО ЗАВОДОТ ВО БАЊА БАНСКО СЕ ВСЕЛИ ВО СВОЈ ДОМСо процесот на деинституционализација, Роза и уште шест друг штитеници од Заводот се вселија во становите од социјалната зграда, а клучевите им ги предаде министерката за труд и социјална политика Мила Царовска; - Роза ѝ подари слика на Царовска. (Фото: Министерство за труд и социјала)

    Роза Мојсовска, познатата поетеса и сликарка со телесен хендикеп која слика со уста, по 43 години престој во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“, се пресели во сопствен стан во Струмица кој ѝ го додели државата. Со процесот на деинституционализација, Роза и уште шест друг штитеници од Заводот се вселија во становите од социјалната зграда, а клучевите им ги предаде министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа во знак на благодарност од Роза доби слика насликана со уста и книга со нејзина поезија.

    „Во Заводот бев од 1976 година и сега имам нов живот и сакам да им покажам на луѓето дека и ние можеме да живееме самостојно како секој нормален човек. Цел живот бев по институции, а сакам да се дружам со луѓе и да им ги покажам моите дела“, рече Мојсовска и додаде дека и во новиот дом ќе слика и твори.

    Министерката Царовска потеницраше дека целиот процес на деинституционализација на лицата со посебни потреби ќе заврши до крајот на 2021, бидејки добар дел од нив веќе се иселиле од домовите како што се „11 Октомври“, „25 Мај“, Мајчин дом – Битола, а тече процесот на трансформација во заводите во Демир Капија и Бања Банско.

    „Навистина ми е драго што почна трансформацијата и на Заводот од Бања Банско. Денес се вселија 7 корисници во станови во Струмица, каде ќе можат да живеат самостојно со поддршка на асистенти. Неодамна реконстуриравме куќа во гевгелиско за еден пар од Бања Банско, што значи дека може да помогнеме и во нивни домови. Процесот е долг и се надевам дека до крајот на 2021 нема да постојат институции каде што ќе живеат лица со посебни потреби“, рече Царовска.

    Во Заводот за рехабилитација Бања Банско кај Струмица престојуваат и се школуваат 50-тина лица со посебни потреби, а станува збор за лица со телесен хендикеп.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари