РУДАРСКИОТ ОТПАД НА АЛБАНСКАТА СТРАНА ПРОДОЛЖУВА ДА ГО ЗАГАДУВА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ВЛАСТИТЕ НЕ ГО РЕШАВААТ ПРОБЛЕМОТ

    РУДАРСКИОТ ОТПАД НА АЛБАНСКАТА СТРАНА ПРОДОЛЖУВА ДА ГО ЗАГАДУВА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ВЛАСТИТЕ НЕ ГО РЕШАВААТ ПРОБЛЕМОТНадлежните прават многу малку за да се спречи загадувањето на езерото кај Поградец (Фото: СДК.МК)

    Албанските власти не се справуваат со отпадот од старите рудници кои го загадуваат Охридското Езеро и со тоа го загрозуваат неговиот статус на заштитено светско наследство. Екологистите велат дека илјадници тони рударски отпад е насобран на брегот или расфрлан на околните ридови, а надлежните прават многу малку за да се спречи загадувањето на езерото кај Поградец, каде што нивото на токсични материјали во водата било многукратно повисоко од препорачаното од Европската Унија.

    „На албанската страна има две јаловини. Мислам дека за една е предвидена реконструкција, а за втората нема соодветно решение и таму сè уште има компанија која работи. Од анализите кои ги правиме за рибниот фонд се гледа дека сè уште е присутен проблемот со тешките метали во езерото“, вели Аријан Мероли, истражувач и експерт за заштитени подрачја.

    Невладините здруженија потсетуваат дека УНЕСКО за време на мониторинг мисијата во 2020 година ѝ порача на Албанија итно да го премести отпадот и да се осигура дека веќе нема да има ископување руда таму каде што тоа може да влијае врз езерото, но до денес, проблемот со рударската депонија на езерскиот брег не е решен. Велат дека место справување со препораките и реално решавање на проблемите, и македонската и албанската страна неодамна до УНЕСКО доставиле штури извештаи во кои се говори дека многу од обврските штотуку почнуваат да се реализираат, а некои ќе се решаваат во иднина.

    „Албанскиот извештај има 42 страници, но ако се одземат оние со фотографии од чистење плажи, некакви настани за езерото или природата и за неколку проекти за реставрирање стари градски куќи, реалниот извештај содржи помалку од 20 страници, а и таму не се пристапило суштински“, сметаат од граѓанската организација Охрид СОС .

    Проблемот со рударскиот отпад на албанската страна постои со години, а во последниот извештај испратен до УНЕСКО стои само дека има иницијатива за негово решавање.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира