Дел од времените објекти во Велес со години не се во функција и се руинирани. Ги има во различни делови од градот. На последната седница на општинскиот Совет за реагираа и советниците и од власта и од опозицијата. Градоначалникот Марко Колев најави дека се работи на решение за овој проблем.
„Започнавме постапка за избор на фирма која ќе направи програма за времените објекти. Со неа ќе се одредат времените објекти кои му се потребни на градот. Архитектите ќе предложат две-три решенија како да изгледаат, за да бидат унифицирани, типизирани и прилагодени на времето во кое живееме. Таа програма ќе дојде пред Советот, каде што ќе се дефинира кои времени објекти се потребни, а кои не. По ова, ќе започнеме со отстранувањето на оние што нема да влезат во програмата“, кажа Колев.
Општината уште во 2013 најави дека ќе започне со отстранувањето на дивопоставените времени објекти, но и напуштените. Тогаш се тврдеше дека по повеќегодишна пауза е склучен договор со фирма од Скопје, која требаше да ги дислоцира времените објекти. Но, ниеден не се дислоцираше.
Во 2015, Советот донесе план за урбана опрема со кој се стандардизира нивниот изглед и се регулираат локациите и начинот на издавање. Тој пропишуваше дека времени објекти можат да бидат само киосци за весници и цвеќарници. Но, овој план не беше применет.
П. ПЕЧКОВ