САКАМЕ И ЗА НАШИТЕ ДЕЦА ДА БИДЕ ЧИСТО, ВЕЛИ МИРСАД МУХЕДИНОВ КОЈ САМ ЈА ЧИСТИ ОБИКОЛНИЦАТА НАД БИТОЛА

    САКАМЕ И ЗА НАШИТЕ ДЕЦА ДА БИДЕ ЧИСТО, ВЕЛИ МИРСАД МУХЕДИНОВ КОЈ САМ ЈА ЧИСТИ ОБИКОЛНИЦАТА НАД БИТОЛА39-годишниот Мирсад Мухединов, кој живее близу битолската обиколница, преку ден го чисти насобраното ѓубре, го собира во вреќи па се јавува во Комуналец и доаѓа камионче каде го товарат сметот и потоа се носи на депонија. (Фото: СДК.МК)

    Онаму каде што некогаш десетици луѓе валкаа, денес хигиената ја одржува едно лице. 39-годишниот Мирсад Мухединов е јунакот од битолската обиколница. Откако пред три месеци Општината со комуналните претпријатија го исчистија магистралниот пат од Ресен за Прилеп кој минува над Битола, а кој поради нечисторијата беше рак рана, Мухединов, вработен во Јавното претпријатие „Комуналец“, го одржува чист.

    „За мене нема работно време. Бидејќи живеам во бизина на обиколницата, по цел ден водам сметка да е чисто. Многу му сум благодарен на директорот на претпријатието Панде Богоевски што ме ангажираше и што помогна и овде кај нас да биде чисто. Не сакам да ја изневерам довербата и по цел ден одржувам чисто“, вели Мухединов.

    Тој кажува дека преку ден го чисти насобраното ѓубре, го собира во вреќи, па се јавува во претпријатието и доаѓа камионче каде го товарат сметот и потоа се носи на депонија. Обиколницата која некогаш беше полна смет го смени ликот, веќе не е срам за Битола. Обиколницата минува низ дивата ромска населба каде живеалиштата се дивоградби.

    „Сакам и овде да биде чисто како во градот. И тука имаме дечиња, да не фаќаат жолтица и други заразни болести. Ете и јас сум татко на три деца, најворзасниот има 18 години, а најмалото десет и за нив сакам чиста животна средина. Ја чистам обиколницата и сè помалку се палат гуми. Очигледно е дека сликата се менува. Локалното население ме слуша и сè помалку се фрла ѓубре“, вели Мухединов.

    Но, посочува дека од градот доаѓаат други битолчани кои горе на обиколница се ослободуваат од габаритен смет.

    При темелното чистење на обиколницата летово беа отстранети вкупно 2.000 метри кубни отпад. Покрај координираното делување на терен и спроведените активности со соодветна механизација од јавните претпријатија, за дорасчистување рачно интервенираа и 10 вработени од ЈКП Комуналец, а Мухединов остана да се грижи за обиколницата и до ден денес.

    Од Општина Битола велат дека комуналната инспекција издала повеќе решенија за санкционирање на лица кои се затекнати да ја загадуваат животната околина, не само на обиколницата туку и во градот.

    „Наскоро комуналната инспекција ќе постапува и за приватен имот, односно онаму каде ќе биде воочено дека сопственици на имоти кои ги поседуваат, а не ги користат, односно запуштените објекти, ќе треба да ја исполнат обврската онака како што налага комуналниот ред“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира