САЛАТА „ПАРТИЗАН“ УШТЕ СТОИ НЕЧЕПНАТА И РАЗУРНАТА, ОД ОПШТИНА КАРПОШ ВЕЛАТ НАСКОРО ЌЕ ПОЧНЕ РЕНОВИРАЊЕТО

    САЛАТА „ПАРТИЗАН“ УШТЕ СТОИ НЕЧЕПНАТА И РАЗУРНАТА, ОД ОПШТИНА КАРПОШ ВЕЛАТ НАСКОРО ЌЕ ПОЧНЕ РЕНОВИРАЊЕТООд Општината велат дека наскоро освен реновирање на салата ќе почнат со изградба и на затворен базен. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Спортската сала „Партизан“ во скопската населбата Карпош 4 уште стои нечепната, без никаква градежна активност за нејзино повторно враќање во функција како што неколку години најавуваат од Општина Карпош.

    Пред три години од Општина Карпош најавија дека разурнатата сала повторно ќе биде култно место во Карпош, но реновирањето никако да почне. Најпрво од Општината чекаа Владата да им го предаде објектот, потоа се правеше проект, па се распишуваше анкета на која граѓаните требаше да го одберат решението. Мандатот на градоначалникот Стефан Богоев истекува за три месеци, а нема абер од почнување на градежните работи бидејќи уште не е готов основниот проект ниту пак е распишан тендер за избор на фирма изведувач.

    Од Општина Карпош велат дека работат на овој проект и дека основниот проект е на финална ревизија по што ќе биде доделен на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и на Општина Карпош.

    „Дополнително, ќе биде доставена и информација до Владата, за почетокот на реконструкцијата на објектот и Агенцијата за млади и спорт ќе објави јавна набавка за избор на изведувач. Претходно, општина Карпош го врати објектот во свое владение и тој простор повеќе не може да биде пренаменет за зграда или друга намена. Ова, исто така беше една од заложбите и  ‘Партизан‘ сега е трајно заштитен“, велат од Општина Карпош.

    Од Општината велат дека донесена е одлука за изградба на затворен пливачки базен кој ќе биде лоциран до салата „Партизан”, со што овој дел ќе прерасне во современ спортско – рекреативен центар.

    „Овие денови го завршуваме и административниот процес за базенот, кој го финансира и гради Агенцијата за млади и спорт“, додаваат од Општината.

    Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“  во населбата Карпош 4, или позната кај скопјани како „Партизан“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963. Некогашната култна сала сега е разурната, искршена, во делови запалена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира