САЛМОНЕЛА ВО МАЈОНЕЗ ПРИЧИНА ЗА ТРУЕЊЕТО НА ДЕЦАТА ВО КУМАНОВСКАТА ГРАДИНКА

    САЛМОНЕЛА ВО МАЈОНЕЗ ПРИЧИНА ЗА ТРУЕЊЕТО НА ДЕЦАТА ВО КУМАНОВСКАТА ГРАДИНКАОд Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврдуваат дека е изолирана бактерија салмонела во мајонез, откако извршиле лабораториски испитувања на мостри храна од јајца, мајонез и пилешки гради. (архивска фотографија)

    Бактеријата салмонела пронајдена во мајонез е причина за труењето на 66 деца и тројца вработени во три објекти на градинката „Ангел Шајче“ во Куманово, потврдија од Центарот за јавно здравје во Куманово. Станува збор за мајонез од фабричко производство кој бил во оригинално пакување од 960 милилитри. Од затруените, три деца се наоѓаат на болничко лекување, додека останатите се дома.

    „Се работи за акутно труење со храна предизвикано од салмонела. Заболени се деца на возраст од две до 6-годишна возраст, кои ги посетуваа градинките ‘Синоличка’, ‘Пчелка’ и ‘Кокиче’. Заклучно со денешниот ден од почетокот на епидемијата, односно од 10 мај до сега има вкупно пријавено 66 деца, со симптоми на акутно труење со храна, покачена температура, малаксаност, чести проливи. Кај 31 дете е изолирана салмонела, во тек се испитувања на уште на 5 копрокултури, кои пристигнаа во текот на денешниот ден. Направени се и вонредно здравствено-хигиенски прегледи на 12 вработени од кујните во трите објекти и кај тројца е изолирана салмонела“, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Куманово.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврдуваат дека е изолирана бактерија салмонела во мајонез, откако извршиле лабораториски испитувања на мостри храна од јајца, мајонез и пилешки гради од кујната на детската градинка „Ангел Шајче“ од Куманово.

    „Со испитувањата изолирана е бактерија салмонела во мострата од мајонез“, соопштуваат од АХВ.

    Инспекциските служби на АХВ уште при првичната контрола од 10.05.2021 година издале решение за забрана на работата на кујната во градинка и наредба за спроведување на вонредно механичко и хемиско чистење, комплетна дезинфекција и спроведување на вонредни здравствени прегледи за вработените лица во кујната.

    „Забраната за работа на кујната и понатаму продолжува до повторно тестирање на брисеви од сите работни површини кои доаѓаат во контакт со храната и добивање на задоволителни резултати. Наредено е уништување на небезбедната храна која не
    одговара на микробиолошките критериуми за безбедност“, велат од АХВ.

    Труењето со храна во три кумановски градинки се случи минатиот четврток. Децата првите симптоми ги добиле во петок, а за време на викенд бројот се зголемил и завршиле на инфузија во болница.

    Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, најави дека ќе побара одговорност од директорката поради масовно труење на дечињата во градинката.

    С. НИКОЛИЌ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира